Кинеското Министерство за државна безбедност предупреди дека во морињата околу Кина се води „невидлива тајна војна“, обвинувајќи ги странските разузнавачки служби за користење иновативни и бизарни методи за шпионажа, пренесува „Гардијан“.
Според официјалното соопштение објавено на платформата „Вичет“, странски агенции преку напредни уреди собираат чувствителни податоци за да изработат подводни мапи, што претставува сериозна закана за кинеската национална безбедност.
Меѓу најнеобичните шпионски техники, министерството ги издвои големите морски животни, како „шпионски желки“ и „шпионски риби“, кои биле пронајдени со прикачени сензори во кинеските води. Овие животни во реално време собирале податоци за температурата на водата, соленоста и океанските струи, по што преку сателит ги пренесувале информациите во странство. Иако Кина не откри кој стои зад ова, практиката на обука на морски суштества за воени цели не е нова, со оглед на тоа што британското разузнавање претходно потврди дека Русија користи обучени делфини за одбрана на својата флота во Црното Море.
Покрај животинскиот свет, кинеските власти откриле и специјални пловни објекти опремени со метеоролошки сензори, кои биле поставени од странски истражувачки институти за во реално време да ги следат акустичните потписи на кинеските подморници. Забележани се и нови соларни глисери на бранов погон кои пренесувале воени податоци за активноста на бродовите.
Овие инциденти се случуваат во Јужното и Источното Кинеско Море, како и во Тајванскиот Теснец, кои се меѓу воено најчувствителните зони во светот. Колку Пекинг сериозно ја сфаќа оваа закана покажува и фактот што државата им нуди парични награди на локалните рибари во износ од 50.000 до 500.000 јуани за секој пронајден шпионски уред во кинеските води.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата