„Опен АИ“ подготвува најголеми промени на „Чет-ГПТ“ од неговото лансирање досега. Компанијата, чија вредност се проценува на 850 милијарди долари, бара нови извори на раст во пресрет на планираното излегување на берза.
„Опен АИ“ сака да го претвори „Чет-ГПТ“ во своевидна „суперапликација“ која ќе обедини алатки за програмирање, генерирање слики, апликации за партнери и ВИ-агенти способни да извршуваат конкретни задачи за корисниците.
Управата на „Опен АИ“ сѐ повеќе го гледа „Чет-ГПТ“ како влезна точка кон понапредни и поскапи производи, особено за деловните корисници. Поголемиот дел од корисниците и натаму го користат „Чет-ГПТ“ бесплатно, додека поголеми приходи се очекува да донесат алатки како „Кодекс“, производот на „Опен АИ“ наменет за програмирање.
Новиот фокус на компанијата не се чет-ботови што само одговараат на прашања, туку ВИ-агенти кои можат да резервираат патувања, да организираат календар, да помагаат во работата, да пишуваат код и да извршуваат низа задачи наместо корисникот.
Промените најпрво ќе бидат видливи на веб-страницата и мобилните апликации на „Чет-ГПТ“. Корисниците повеќе ќе се насочуваат кон алатки за програмирање, генерирање слики и кон апликации на партнери како „Канва“ или „Букинг.ком“.
Тибо Сотио, кој во „Опен АИ“ раководи со одделот за клучни производи и платформи, вели дека компанијата гради систем во кој секој ќе има „личен агент“ достапен преку телефон, компјутер, интернет, па дури и во автомобил.
На тој начин „Опен АИ“ сѐ повеќе се насочува кон деловните корисници, сегмент во кој неговиот главен конкурент „Антропик“ веќе бележи силен раст. Во моментов околу два милиони компании ги користат производите на „Опен АИ“ и носат приближно 40 отсто од вкупните приходи, а се очекува тој удел до крајот на годината да порасне на 50 отсто.
Целта на „Опен АИ“ е корисниците со текот на времето да комуницираат со еден централен ВИ-асистент наместо да користат голем број одделни апликации.
Со други зборови, „Опен АИ“ сака „Чет-ГПТ“ да престане да биде само место за допишување и да стане алатка што навистина ќе ја извршува работата наместо корисникот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата