Новите промени на најпопуларната платформа за стриминг ќе почнат да се спроведуваат следниот месец.
Јутјуб ја зголемува минималната возраст за корисниците кои сакаат да емитуваат содржини во живо, па сега е 16 години.
Во порака објавена на страницата за поддршка на Јутјуб хелп, беше потврдено дека почнувајќи од 22 јули, креаторите ќе треба да имаат најмалку 16 години за да стримуваат без присуство на возрасен на платформата. Претходно, Јутјуб бараше децата под 13 години да бидат видливо придружени од возрасен доколку сакаат да емитуваат содржина во живо, но отсега, тоа правило ќе важи и за сите возрасти од 13 до 15 години.
Јутјуб предупредува дека секој под 16 години кој продолжува да емитува во живо без возрасен по 22 јули ризикува да биде блокиран од користењето на функцијата за разговор во живо, а другите функции привремено ќе бидат оневозможени.
Јутјуб исто така наведува дека нивната крајна цел е да ги отстранат сите преноси во живо што ги кршат новите правила, а сметките што се ограничени нема да можат да емитуваат од друг канал. Обидот да се заобиколи ова може да резултира со трајно отстранување на сметката. Сметката на Тим Јутјуб објави на платформата X дека сите креатори засегнати од овие промени ќе добијат известување преку е-пошта доколку нивниот пренос во живо биде отстранет.
Креаторите под 16 години кои сакаат да продолжат со пренос во живо ќе можат да му одобрат на возрасен пристап до својот канал како уредник, менаџер или сопственик, што му овозможува на тоа лице да започне емитување од сметката поврзана со тој канал. Претходно, ова мораше да се направи од Просторот за контрола на преноси во живо на Јутјуб. Јутјуб наведува дека возрасните кои соработуваат со лице под 16 години мора да бидат „видливо присутни“ и јасно да учествуваат во преносот во живо.
Сигурно е дека оваа промена ќе биде удар за помладите креатори кои веќе имаат голема публика и корисничка база.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата