Сè започнало од будното око на една сомнителна банкарска службеничка во Андора, малата држава сместена меѓу Франција и Шпанија. Таа побарала дополнителни информации за потеклото на 12 милиони евра (14 милиони долари) кои лежеле на сметките на една италијанска клиентка, чиј син тврдел дека парите се наследство од нејзиниот починат сопруг. Нејзината дојава стигнала до службениците во италијанската амбасада во Мадрид, што придонело за започнување на глобална истрага која траела речиси три години, пишува „Економист“.
Кулиминацијата се случи на 28 мај со апсење на жената која наводно ги наследила парите, нејзиниот син и нејзиниот поранешен сопруг, Џакомо Тамбурело. За иронијата да биде поголема, Тамбурело бил и тоа како жив, издржувајќи казна куќен притвор на Сицилија поради претходна пресуда за трговија со дрога.
Оваа истрага доведе до една од најголемите заплени во историјата на италијанските сили на редот: конфискувани се најмалку 200 милиони евра распоредени во девет различни јурисдикции.
Чувари на крвавото богатство на кланот Корлеонези
Според налогот за апсење, кој брои дури 226 страници, овој имот претставува многу повеќе од обично богатство на еден меѓународен наркобос. Обвинителството тврди дека 65-годишниот Тамбурело, неговата поранешна сопруга и нивниот син Лука биле „чувари“ на ликвидниот имот на озлогласената мафијашка фракција која во 1990-тите ѝ објави војна на италијанската држава.
Станува збор за кланот од сицилијанскиот град Корлеоне, предводен од суровиот Салваторе „Тото“ Риина. Токму оваа група стои зад убиствата на култните антимафијашки обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино, како и зад бомбашките напади кои сееја терор во Рим, Фиренца и Милано.
Спречен обидот за воскреснување на Коза Ностра
Главниот италијански обвинител за борба против мафијата, Џовани Мелило, ги поврза последните апсења со плановите на сицилијанската мафија повторно да ја зацврсти својата разнишана позиција. Откако Риина беше уапсен во 1993 година (почина во затвор во 2017 година), Коза Ностра постепено го губеше влијанието во корист на калабриската „Ндрангета“, неаполската Камора и странските криминални синдикати.
„Оваа акција не е важна само поради запленетите милиони. Со неа е осуетен и обидот на Коза Ностра повторно да ги обедини своите фракции под едно заедничко водство“, истакна Мелило.
Тој алудираше на „Куполата“ (Cupola), своевидниот управен одбор на сицилијанската мафија кој некогаш ги координираше сите криминални активности. Тројцата осомничени засега ја негираат вината, а обвинителството во голема мера се потпира на сведочењата на таканаречените пентити (покајници), поранешни мафијаши кои одлучиле да соработуваат со правдата.
Врската со последниот „шеф на шефовите“
Според исказот на еден од покајниците, Тамбурело уште од 1983 година соработувал со Матео Месина Денаро, клучниот сојузник на Корлеонези, кој по три децении во бегство беше уапсен во 2023 година, а подоцна истата година почина.
Во документите од истрагата се цитира и разговор меѓу Тото Риина и друг затвореник во затворскиот двор, каде Риина признава дека го доверил своето огромно богатство токму на Денаро. Денаро ги „перел“ мафијашките пари инвестирајќи во обновливи извори на енергија, супермаркети, градежништво и туризам. Истражителите проценуваат дека во моментот на неговата смрт, неговиот имот вредел неверојатни четири милијарди евра.
Златни шипки, луксузни вили и бизнис со Ворен Бафет
При претресите и заплената кај семејството Тамбурело е откриено вистинско богатство:
- Пари на повеќе од 40 сметки од Карибите до Медитеранот.
- 12 килограми златни полуги.
- Удел во либанска банка преку фиктивна фирма од Кајманските Острови.
- 22 луксузни недвижности во ексклузивното шпанско одморалиште Марбела.
Токму во Марбела, синот на Тамбурело, Лука, градел кариера на угледен бизнисмен. По успешната работа во финансискиот сектор за гиганти како Société Générale во Њујорк и Morgan Stanley во Лондон, тој се преселил на шпанската Коста дел Сол.
До неодамна, тој бил извршен партнер во канцеларијата во Марбела на Berkshire Hathaway HomeServices (BHHS), престижна агенција за недвижности во сопственост на инвестициската групација на милијардерот Ворен Бафет. Од компанијата веднаш се оградија, тврдејќи дека Лука не работи таму од 2024 година, иако до крајот на минатата година беше рекламиран како нивниот главен извршен директор за тој регион.
За разлика од легалните зделки на синот, бизнисите на таткото биле многу помрачни. Еден од заштитените сведоци откри дека 10 проценти од остварениот профит на Тамбурело редовно завршувал директно во џебот на Матео Месина Денаро.
„Да не го платеа тој данок, тој едноставно ќе ги убиеше“, заклучува сведокот во својот исказ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата