Повеќе од 100 пауни прават хаос во италијанскиот крајбрежен град Пунта Марина на јадранскиот брег, што предизвика поделби меѓу мештаните околу тоа што да се прави со сè побројната колонија.
Според некои проценки, речиси 150 пауни слободно шетаат низ градот, прават бучава и покажуваат агресивно однесување кон луѓето, автомобилите и урбаните градини. Почетокот на сезоната на парење оваа пролет дополнително ги засили тензиите, а гласното утринско довикување на мажјаците особено ги нервира жителите.

„Ги уништуваат автомобилите напаѓајќи го сопствениот одраз, оставаат леплив измет по тротоарите поради што одењето е опасно и го блокираат сообраќајот“, изјави за CNN Розана Голфарели, која со сопругот Клаудио Јаниеро ја води слаткарницата „Cacao“. Во дворот до нивната продавница се гнездат шест пауни, а еден од нив од милост го нарекле Пирилампо и по неговото раскошно перје осмислиле посебен колач.
„Пауните се прекрасни, но сега ги има премногу – прават неред и колваат сè што ќе пронајдат“, вели Јаниеро, кој сепак смета дека е забавна сè поголемата караница околу присуството на птиците. Тој призна дека нему и на сопругата не им пречи бучавата бидејќи не живеат во близина на слаткарницата.
Голфарели и Јаниеро не можат да одлучат што треба да се направи со „пердувестите натрапници“. Приближно половина од градот – кој има околу 3.000 жители – сака птиците да бидат отстранети или префрлени во локална зоолошка градина. Другата половина сака шарените птици да бидат заштитени, па дури и искористени за развој на туризмот во областа.
На крајот на краиштата, птиците се појавија и на видеа на италијански инфлуенсери и пејачи кои снимале во Пунта Марина. „Amazon Music“ и „Spotify“ дури имаат и „релаксирачки“ плејлисти инспирирани од гласовите на пауните од тој град.
Сè започнало со еден осамен паун
Пауните веќе со години се дел од пејзажот на пошироката општина Равена. Според локалната легенда, сè започнало кога еден паун избегал од затворен кафез и се населил во боровите шуми на работ на Пунта Марина. Секоја пролет гласно повикувал женка, додека некој конечно не му донел пауница.
Кога колонијата се проширила, птиците се населиле во напуштена воена касарна во близина, а подоцна се вратиле во боровата шума кога објектот бил реновиран. Потоа почнале да се префрлаат во парковите и напуштените куќи во Пунта Марина за да се заштитат од природните предатори како лисиците и волците, чиј број се зголемил токму поради присуството на пауните.
Кога стигнале во градот, луѓето почнале да ги хранат, особено за време на локдаунот поради ковид во 2020 година. Тоа ги направило птиците зависни од луѓето – а бидејќи во урбаната средина немаат природни предатори, популацијата на пауни експлодирала.
Градските власти во Равена бараат идеи за управување со популацијата на пауни уште од 2022 година, кога птиците биле многу помалку на број. Меѓутоа, откако една зоолошка градина понудила да преземе 20 пауни, следувала остра реакција од организациите за заштита на животните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата