Реставрацијата на познатиот мозаик на бикот во Милано предизвика бројни реакции во Италија, а многумина, со доза на неверување, се прашуваат што се случило со неговите „среќни“ тестиси.
Неодамна започнаа работите за санација на помалото оштетување, настанато поради долгогодишниот обичај на туристите да ја вртат петицата на гениталиите на бикот, верувајќи дека тоа носи среќа.
Градскиот советник Марко Гранели викендов соопшти дека мозаикот е „целосно обновен“, а неговата изјава покрена лавина коментари на социјалните мрежи.
Некои тврдат дека тестисите на бикот исчезнале за време на реставрацијата, додека други се пошегуваа дека еден од најпрепознатливите симболи на Милано е всушност – „кастриран“.
Меѓутоа, властите во Милано порачуваат дека работите на мозаикот во историската галерија „Виторио Емануеле Втори“ сè уште не се завршени и дека конечниот изглед по реставрацијата дури претстои да биде претставен.
Мозаикот на исправен бик во беж и сина боја, опкружен со грб, го претставува градот Торино, првата престолнина на Италија. Мозаикот стана популарен меѓу туристите поради традицијата според која посетителите трипати ја вртат петицата во насока на стрелките на часовникот на гениталиите на бикот.
Според легендата, овој ритуал носи среќа и ветува враќање во градот за оние што ќе го изведат, но со текот на времето доведе до создавање на помала вдлабнатина во мозаикот.
Објавата на градскиот советник Марко Гранели на социјалните мрежи предизвика потсмев.
„Што се случи со тестисите?“, праша еден корисник.
Друг кратко прокоментира: „Нешто недостига.“
Имаше и коментари дека тоа сега е мозаик на вол, а не на бик.
Градските власти во Милано соопштија дека работите на мозаикот сè уште траат и дека дел од површината и понатаму е делумно покриен за новите плочки да се зацврстат и да ја „фатат“ бојата. Истакнато е и дека не дошло до „исчезнување“ на тестисите на бикот, туку дека за реставрацијата бил користен розов мермер, кој се смета за најблизок до оригиналот.
Градската управа додава и дека за време на претходната реставрација во 2017 година бил користен потемен мермер.
Од почетокот на реставрацијата, околу мозаикот е поставена заштитна ограда.
Мајсторот-реставратор Џанлука Гали ги започна работите клекнат пред мозаикот, внимателно рачно обликувајќи ги и сечејќи ги новите парчиња камен за негова обнова.
Тој за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ (Corriere della Sera) потврди дека работите сè уште не се завршени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата