Хипотетичка деветта планета, за која се смета дека е десет пати помасивна од Земјата, ги интригира астрономите веќе две децении. Се верува дека нејзината гравитациона сила влијае на движењето на ледените објекти во Кајперовиот појас – далечна област на Сончевиот систем кој се наоѓа зад Нептун. Овие ледени тела често следат слични орбитални патеки, а според научниците, овој модел тешко дека е случаен, објавува BFM TV.
Нова џуџеста планета
За време на потрагата по оваа планета, чие постоење е сè уште предмет на дебата, тројца американски астрономи тврдат дека откриле нов кандидат за статус на џуџеста планета, пишува N1.rs.
Објектот, наречен 2017 OF201, има дијаметар од околу 700 километри, според прелиминарна студија објавена минатата недела, која сè уште не поминала стручна рецензија.
Тој е три пати помал од Плутон, но е доволно голем за да се класифицира како џуџеста планета, изјави водечкиот автор на студијата, Сјао Ченг, од Институтот за напредни студии во Њу Џерси, САД.
Моментално е три пати подалеку од Земјата отколку Нептун, но неговата орбита е екстремно издолжена и речиси 1.600 пати подалеку од растојанието Земја – Сонце, сè до Ортовиот облак, на работ на Сончевиот систем.
За време на ова патување од 25.000 години, објектот би бил видлив од Земјата само 0,5 проценти од времето, или околу еден век.
„Веќе станува сè поблед“, забележува Ченг, кој верува дека откритието сугерира дека може да има „неколку стотици слични објекти со слични орбити“ во Кајперовиот појас.
Калифорнискиот астроном-аматер, 23-годишниот Сем Дин, ја следел оваа џуџеста планета користејќи стари бази на податоци.
„OF201 е, според мене, веројатно едно од најинтересните откритија во надворешниот Сончев систем во последните 10 години“, изјавил тој.
По откривањето во 1930 година, Плутон некое време ја носеше титулата деветта планета во Сончевиот систем, само за да биде прекласифициран како џуџеста планета во 2006 година, првенствено поради својата големина – помал е од нашата Месечина.
Денес, нашиот систем има уште четири џуџести планети: Церера, Ерис, Макемаке и Хаумеу.
Кога истражувачите ја моделирале орбитата на објектот 2017 OF201, откриле дека тој не го следи истиот модел како сличните објекти во Кајперовиот појас, што би можело да фрли сомнеж врз хипотезата за постоење на деветта планета.
Ова „извонредно откритие“ и слични откритија значат дека „првичните аргументи во прилог на постоењето на деветта планета стануваат послаби“, вели Саманта Лолер, истражувач на Универзитетот во Реџина во Канада.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата