logo
logo
logo

НАУЧНИЦИТЕ ЗБУНЕТИ - Човекот го контролирал огнот еден милион години порано отколку што се мислеше!?

Vecer | 15.06.2026

НАУЧНИЦИТЕ ЗБУНЕТИ - Човекот го контролирал огнот еден милион години порано отколку што се мислеше!?

Историјата на човештвото е обележана со неколку клучни еволутивни чекори – како што се исправениот од, појавата на првите камени алатки и, секако, најважниот меѓу нив, скротувањето на огнот.

Огнот на нашите предци им донел топлина, заштита од предатори, светло во темнината, можност за готвење храна и за изработка на подобри алатки. Тој длабоко го променил начинот на живот на праисториските луѓе и им овозможил полесно да се прилагодат на суровата околина.

Сега, едно ново истражување објавено во угледниот научен списание „PLOS One“ целосно ги поместува границите на историјата што ја знаеме, откривајќи дека човекот го користел огнот пред неверојатни 1,79 милиони години.

Археологијата нè учи дека нашите предци научиле самите да „запалат оган“ пред околу 400.000 години. Меѓутоа, неговото користење е многу постаро. Огнот природно се појавувал во природата преку удари на громови или вулкански ерупции. Многу пред да ја совладаат техниката на палење, праисториските луѓе научиле да управуваат со огнот така што собирале жар по природните шумски пожари.

Досега, најстарите признати докази за ваква примитивна употреба на огнот беа пронајдени во пештерата Вандерверк (Wonderwerk) во Јужна Африка, каде трагите од пепел, изгорени коски и камења датираа од пред еден милион години. Постари траги беа наоѓани на отворени локалитети, но научниците често дебатираа дали тие се дело на човечка рака или едноставно на природни пожари.

Новата студија повторно нè води во пештерата Вандерверк, каде тим истражувачи се спуштил уште подлабоко под земјата, анализирајќи ги постарите седиментни слоеви стари меѓу 1,07 и 1,79 милиони години.

Таму биле откриени ситни коски од цицачи. Иако на прв поглед било тешко да се каже дали биле изложени на оган, деталната лабораториска анализа со луминисценција јасно покажала присуство на јагленосани фрагменти.

Научниците нагласуваат еден клучен факт: речиси е невозможно природен пожар да допре повеќе од 30 метри длабоко во внатрешноста на пештерата. Затоа, истражувачите се сигурни дека станува збор за огниште направено од луѓе. Дополнително, овие изгорени траги се повторуваат низ неколку слоеви на земјата, што значи дека пештерата била постојано користена за оваа намена.

„Со користење на овие напредни методи, обезбедуваме цврсти докази за употреба на оган во два седиментни слоја од раниот плеистоцен во пештерата Вандерверк. Со ова ја продолжуваме хронологијата на еден од најстарите записи за палео-оган во светот“, заклучуваат истражувачите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk