Поранешниот британски принц Ендру (65) наводно се согласил да ја предаде својата колекција од пушки и ловечки пушки по разговор со специјализирани службеници на Метрополитен полицијата, пренесуваат британските медиуми.
Според наводите, Ендру преку својот собар стапил во контакт со полицијата и по разговорот прифатил да се откаже од колекцијата. Оружјето не било запленето, но полицијата поставила строги услови за негово чување и пристап, пишува „Сан“.
Британската полиција редовно ги проверува дозволите за оружје и може да ги одземе доколку постои ризик за јавната безбедност или ако се променат околностите кај сопственикот.
Ендру е познат како страствен ловец и редовен учесник на ловечки настани. „Сега нема да може сам да користи или транспортира оружје, освен под строг надзор. Тоа е вистински удар за него“, изјавил извор близок до кралското семејство.
Полициската проверка следи во рамки на истрага за наводите дека Ендру во 2011 година побарал од својот телохранител да собира информации за Џефри Епстин и неговата жртва Вирџинија Џуфре, со цел таа да биде дискредитирана.
Овој месец, по наредба на кралот Чарлс, Ендру беше лишен од преостанатите кралски титули, вклучувајќи го членството во Редот на подвезицата и орденот витез Голем крст на Кралскиот викторијански ред. Иселувањето од Ројал Лоџ, според медиумите, ќе биде одложено за неколку месеци.
Ендру претходно беше исклучен од кралското семејство и деградиран на статус на обичен граѓанин поради поврзаноста со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата