logo
logo
logo

ЗАЅИДАНО ТЕЛО И ПЕНЗИЈА ОД ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА Нови детали од морничавиот случај во Австрија

Vecer | 16.07.2026

ЗАЅИДАНО ТЕЛО И ПЕНЗИЈА ОД ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА Нови детали од морничавиот случај во Австрија

Истрагата за шокантниот случај на 99-годишна пензионерка, чие тело беше пронајдено заѕидано во семејната куќа во австрискиот град Минхендорф, откри нови детали. Истражителите сега се обидуваат да утврдат колку долго по нејзината смрт продолжила исплатата на пензијата, а важна трага би можела да биде и нејзината здравствена картичка, пишува „Heute“.

Посмртните останки на жената беа пронајдени кон крајот на мај во ѕид покрај подрумот на куќата во Долна Австрија. Само неколку дена подоцна требало да го прослави својот 100-ти роденден.

Истрагата, по налог на Државното обвинителство во Виена, ја води криминалистичката полиција на Долна Австрија. Во меѓувреме, во Дубаи, врз основа на меѓународна потерница, е уапсен нејзиниот 57-годишен син, лекар, против кого е во тек постапка за екстрадиција во Австрија.

Мажот е осомничен за тешка измама и нарушување на мирот на покојникот. Истражителите веќе подолго време сметаат дека жената всушност починала пред повеќе години, а сега се обидуваат што попрецизно да утврдат кога точно се случило тоа.

Во тоа би можела да помогне токму нејзината здравствена картичка. Според австриските медиуми, таа последен пат била користена околу 2015 година, кога биле евидентирани нејзината последна посета на лекар и последното подигнување лекови од аптека. Потоа, според досегашните сознанија, повеќе не била користена.

И покрај тоа, пензијата на 99-годишната жена, наводно, и понатаму редовно се исплаќала. Според информациите на весникот „Kronen Zeitung“, таа примала околу 3.500 евра, и тоа 14 пати годишно. Доколку се потврдат сомнежите дека починала пред околу десет години, вкупниот износ на исплатените пензии по нејзината смрт би можел да достигне најмалку половина милион евра.

Мотивот и околностите на случајот сè уште не се разјаснети. Одговорите се очекува да ги донесе натамошната истрага, како и евентуалниот исказ на осомничениот по неговата екстрадиција во Австрија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk