На германскиот сериски убиец Мартин Неј, кој веќе издржува затворска казна за убиство на три деца, во вторникот во Франција му започна судењето за киднапирање и убиство на десетгодишниот Џонатан Кулом во 2004 година. Неј, познат како „човекот во црно“, е обвинет за исчезнувањето на момчето за време на училишна екскурзија во летен камп во западна Франција, пишува „Евроњуз“.
Цимерите на момчето наутро го затекнале неговиот празен кревет во спалната соба на крајбрежниот камп во Сен Бревин ле Пен. Потрагата траеше повеќе од еден месец, а потоа телото на Џонатан, отежнато со бетонски блок, беше пронајдено во езерце во близина на градот Геранд, на околу 30 километри од местото каде што исчезнал. Околу вратот, рацете и нозете му било врзано јаже. Педесет и петгодишниот Неј ги негира обвиненијата.
Веќе осуден за убиства на момчиња
Неј во 2012 година беше осуден на доживотен затвор откако ги призна убиствата на три момчиња на возраст од 13, осум и девет години, извршени во Германија во периодот меѓу 1992 и 2001 година. За време на тие напади тој носел маски и фантомки.
Уште во првите недели од потрагата по исчезнатиот Џонатан во Франција, германските власти ги предупредија француските истражители дека околностите на неговото исчезнување потсетуваат на неколку киднапирања и убиства на деца кои му се припишуваат на осомничениот со прекар „човекот во црно“.
Неј беше уапсен во 2011 година. Иако призна три убиства во Германија, тој го негираше киднапирањето на момчето во Франција, тврдејќи дека во тоа време не бил во земјата.
Пресврт во истрагата
Истрагата доби нов замав во 2017 година, кога поранешниот цимер од ќелијата на Неј изјави дека тој му го признал злосторството. Неј наводно му раскажал дека убил дете во Франција и се чудел како не го препознал мажот кој го сретнал тогаш.
Таа изјава се поклопи со сведочењето на еден земјоделец, кој со години претходно тврдеше дека една вечер во април 2004 година сретнал маж во лимузина со германски регистарски таблички. Неј во 2021 година беше екстрадиран во Франција, каде што против него беше покрената истрага.
Семејството се надева на одговори
Судењето претставува можен крај на еден „многу долг правен пат“, изјави за новинската агенција АФП Кети Ришар, адвокатката која ја застапува бабата на момчето. Таа рече дека семејството се надева дека Неј „конечно ќе преземе одговорност и ќе понуди објаснувања“. Се очекува судењето да трае до 5 јуни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата