Денес, канцеларијата на француското обвинителство започна истрага против сопственикот на платформата X, Илон Маск, поради можни злоупотреби и ширење на детска порнографија преку таа мрежа.
Како што пренесува „Фигаро“, обвинителството има намера да утврди дали Илон Маск бил соучесник во ширењето детска порнографија.
Маск претходно не се одзва на поканата на францускиот суд за неформален разговор. „Истрагата покажа дека постојат причини за покренување постапка со именување истражен судија. Франција го почитува странскиот закон и сака правилата воспоставени во Франција, како и во Европа преку демократски процес, да се применуваат тука. Веруваме во законот, во меѓународното право. А ако платформите не сакаат да ги применуваат нашите правила на нашата територија, ризикуваат да бидат санкционирани, а потоа и забранети“, изјави денеска пратеникот на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, Ерик Боторел, кој претходно поднесе пријави против непознати лица за ширење детска порнографија на мрежата „Икс“ (X).
Истрагата го опфаќа и работењето на алгоритмите на платформата „Икс“ поради сомнежи за мешање во политичките процеси во Франција, како и ширење сексуално експлицитни „дипфејк“ (deepfake) содржини и други спорни материјали генерирани преку вештачката интелигенција на таа платформа под името „Грок“ (Grok).
„Дипфејк“ содржините се дигитално манипулирани видеа, аудиозаписи или слики во кои со помош на вештачка интелигенција (AI) реалистично се менува нечиј изглед или глас.
Маск претходно ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ја постапката како „политички мотивирана кривична истрага“.
Европската Унија во јануари покрена посебна истрага против платформата „Икс“ поради спорни содржини, додека британскиот регулатор за заштита на податоци во февруари отвори засебна постапка против компаниите „Икс“ и „иксАИ“ (xAI) поради загриженост во врска со заштитата на личните податоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата