Американскиот технолошки гигант Гугл денеска ги објави податоците во кои е наведено што е најмногу „гуглано“ во 2023 година, а корисниците барале се – од поп-култура до смрт на познати луѓе ширум светот, но кога станува збор за конфликти, најголем интерес бил изразен во војната меѓу Израел и Хамас.
Многу се барало и за подморницата која експлодираше во Атлантикот на пат кон Титаник, како и разорните земјотреси во Турција и Сирија во февруари, објави АП.
Кога станува збор за личности, корисниците најмногу барале информации за Дамар Хамлин, американскиот фудбалер на Бафало Билс, откако доживеал срцев удар на теренот во јануари, но успеа да се опорави.
После тоа, доаѓа холивудскиот актер Џереми Ренер, кој преживеа инцидент кога го згмечи плуг за снег.
Пребарувани се и починати познати личности Метју Пери и Тина Тарнер.
Кога станува збор за седмата уметност, најпребарувани податоци се за филмот „Барби“, „Опенхајмер“ и индискиот трилер „Џаван“.
Најбарана песна годинава е „Идол“ на музичкото дуо Јоасоби.
Искористените податоци се земени од 1 јануари до 27 ноември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата