Вработени од Јавната установа Национален парк Пелистер интервенирале и спасиле мала срна која била нападната од куче бездомник, во инцидент што се случил на територијата на паркот.
Според информациите објавени од установата, во спасувачката акција учествувале раководителот на помошно-техничкото одделение Зоран Пројчевски и ренџерот Неџип Сефедини, кои успеале навреме да реагираат и да ја одвојат повредената срна од опасноста.
Срната била во лоша состојба по нападот, но благодарение на брзата интервенција била згрижена и заштитена од понатамошни повреди. Од Националниот парк Пелистер информираат дека по спасувањето бил преземен и дополнителен чекор за повторно обединување со нејзината мајка.
Како што изјавил директорот на паркот, Иванчо Тошевски, со помош на емитување на звуци карактеристични за срните, младото животно успеало повторно да се поврзе со својата мајка и да се врати во природната средина.
Настанот уште еднаш ја нагласува важноста на брзата реакција на службите во заштита на дивиот свет, особено во случаи кога животните се изложени на ризик од напади од бездомни кучиња или други опасности во природата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата