logo
logo
logo

ТУРИЗМОТ ГИ ПРЕСУШУВА ГРЧКИТЕ ОСТРОВИ: Официјално воведена вонредна состојба поради криза со водата

Vecer | 24.06.2026

ТУРИЗМОТ ГИ ПРЕСУШУВА ГРЧКИТЕ ОСТРОВИ: Официјално воведена вонредна состојба поради криза со водата

Грчкото Министерство за животна средина и енергетика официјално ги прогласи егејските острови Алонисос и Тинос за подрачја во вонредна состојба поради сериозен недостиг на вода за пиење.

Одлуката е донесена токму во моментот кога летната туристичка сезона влегува во својот врв, што доведува до огромен и неодржлив пораст на потрошувачката на вода на овие острови, пренесува „Нова.рс“.

Иако статусот „вонредна состојба“ првенствено претставува административна мерка, неговите последици се многу практични. Со овој статус локалните самоуправи добиваат законско право да ги заобиколат вообичаените, долготрајни процедури за јавни набавки. Тоа им овозможува да ја забрзаат реализацијата на клучните проекти за управување со водните ресурси, да ги прескокнат бирократските пречки и веднаш да изнајмат привремени мобилни постројки за десалинизација со цел да се подготват за сушната сезона, пишува „Грик Репортер“.

Криза со водата

Кризата со водата во Грција не е новост. Во текот на изминатата година, низа вонредни ситуации поврзани со водоснабдувањето зафатија некои од најпопуларните туристички дестинации.

На Јонското Море интервенции беа неопходни на Крф, додека сè подолгата листа на познати егејски острови, меѓу кои се Карпатос, Лерос, Патмос, Астипалеја, Сими, па дури и Егина во Саронскиот Залив, се соочува со сериозна криза во водоснабдувањето.

Посебно загрижува фактот што дури и главните акумулации кои го снабдуваат поширокото подрачје на Атина забележаа историски ниско ниво на вода, што предизвика загриженост ширум земјата.

Туризмот ги пресушува егејските острови

Туризмот несомнено е клучен двигател на грчката економија, но неговото влијание врз потрошувачката на вода е огромно. Островите со едвај неколку илјади постојани жители редовно примаат десетици илјади посетители меѓу јуни и септември.

Просечен турист троши и до четири пати повеќе вода дневно од локален жител, главно поради луксузните содржини како што се базените, секојдневното менување на постелнината, богато уредените хотелски градини и големата потрошувачка во угостителските објекти.

Овој нагол скок на побарувачката доаѓа токму во периодот кога природните водни ресурси се на најниско ниво.

Бидејќи климатските модели предвидуваат сè потопли и посуви лета, потпирањето на Грција на привремени решенија како десалинизацијата укажува на поширок, системски проблем.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk