Глобалните воени трошоци во 2025 година пораснаа за 2,9 отсто, достигнувајќи рекордни 2,89 илјади милијарди долари, покажува најновиот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (SIPRI). Ова е единаесетта година по ред како светот троши сè повеќе на вооружување, при што воените буџети сега зафаќаат 2,5 отсто од глобалниот БДП — највисоко ниво од 2009 година.
Интересен пресврт е забележан кај САД, каде воената потрошувачка падна за 7,5 отсто (на 954 милијарди долари). Овој пад е директна последица на одлуката на претседателот Доналд Трамп да ја запре новата финансиска воена помош за Украина. Сепак, аналитичарите на SIPRI сметаат дека овој тренд ќе биде краткотраен, бидејќи веќе за 2026 година американскиот Конгрес одобри буџет над еден трилион долари.
Главниот двигател на глобалниот раст е Европа, каде воените трошоци скокнаа за 14 отсто и изнесуваат 864 милијарди долари. Земјите од Централна и Западна Европа го бележат најголемиот годишен раст на воените буџети уште од времето на Студената војна, главно поради зајакнувањето на одбраната на членките на НАТО и континуираниот конфликт меѓу Русија и Украина.
Додека трите светски сили: САД, Кина и Русија заедно, трошат повеќе од половина од глобалните воени средства, на Блискиот Исток е забележан пад. Израелските воени трошоци се намалија за скоро 5 отсто со завршувањето на војната во Газа во 2025 година, а пад на трошоците бележи и Иран, чиј одбранбен буџет се намали за 5,6 отсто.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата