logo
logo
logo

Зошто козметиката некогаш не е доволна? ТАЈНАТА НА ЖЕНСКИОТ СЈАЈ Е ВО ХОРМОНИТЕ

Vecer | 01.05.2026

Зошто козметиката некогаш не е доволна? ТАЈНАТА НА ЖЕНСКИОТ СЈАЈ Е ВО ХОРМОНИТЕ

Вистинската убавина не започнува пред огледалото, туку длабоко во нашиот организам, каде невидливите диригенти на нашето тело ‒ хормоните ‒ ја креираат сликата што ја гледаме однадвор. Дали некогаш сте се запрашале зошто вашата кожа и енергија драстично се менуваат, иако ја користите истата козметика? Одговорот лежи во сложената биохемија која го диктира вашиот сјај, тонус и внатрешен мир.

Три хормони играат клучна улога во тоа како изгледаме и како се чувствуваме во сопствената кожа, а кога се во дисбаланс, промените стануваат повидливи отколку што би очекувале.

Естроген

Естрогенот е хормон на женственоста, на здравата кожа и коса. Тој е одговорен за густината и хидратацијата на кожата, растот и сјајот на косата, меките женствени облини и чувството „јас сум жена“.

·        Како изгледа недостигот на естроген? Се карактеризира со чувство на празнина, опаѓање на косата, сува кожа, сивкаст и безживотен тен, ниско либидо.

·        Што да јадете? Важно е да се знае дека естрогенот не се синтетизира без масти. Затоа, на менито треба да се најдат: јајца, масна риба (херинга, сардина, скуша, лосос), авокадо, маслиново масло и маслинки, ленено семе, чиа и семки од тиква, бразилски орев и бадеми. Запомнете дека без масти женственоста едноставно не се „вклучува“.

Кортизол

Ако кортизолот е постојано покачен, телото избира преживување, а не убавина. Тој е задолжен за одговорот на стрес, нивото на енергија во текот на денот, крвниот притисок и шеќерот во крвта, брзината на закрепнување, способноста за релаксација и квалитетот на сонот.

·        Како изгледа високиот кортизол? Напрегнато лице, отоци, лош сон, недостаток на желба, масни наслаги на стомакот.

·        Како да се намали кортизолот? Имајте предвид дека кортизолот не се намалува со сила, туку со чувство на сигурност во телото. Она што навистина помага се редовни оброци, магнезиум навечер, вежби за дишење и избегнување кафе на празен стомак. Намирници кои помагаат се: хељда, банана, семки од тиква, темно чоколадо, бадеми, овесни снегулки и мисиркино месо.

Окситоцин

Окситоцинот е хормон поради кој жената е привлечна дури и кога „не прави ништо“. Тој е одговорен за нежноста на лицето, тело кое не е нервозно, сјај на кожата, сензуалност, доверба и чувство на „добро ми е со самата себе“.

·        Како изгледа недостигот на окситоцин? Се препознава како напрегнато лице, згрчено тело, недостаток на задоволство и чувство на „убава сум, но не го чувствувам тоа“.

·        Како да се „вклучи“ окситоцинот? Се зголемува кога телото се опушта, кога постои чувство на сигурност, контакт со телото и свесно дишење. Кога има допир и задоволство без посебна цел.

·        Клучни нутриенти: Најпрво магнезиум, бидејќи ако го нема доволно, телото не се опушта, нервниот систем е во постојана тензија, а окситоцинот е блокиран. Потоа омега-3 масни киселини, бидејќи окситоцинот е неврохормон и му требаат здрави невронски мембрани. На крајот се неопходни протеини – окситоцинот е пептиден хормон и без аминокиселини нема синтеза.

На крајот, убавината е резултат на хармонијата помеѓу вашето тело и ум. Кога ќе научите да ги слушате сигналите на вашите хормони и да му го дадете на организмот она што му е потребно, блескавиот изглед станува само природен одраз на вашето внатрешно здравје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk