logo
logo
logo

БЛАГОДАРНОСТА КАКО ЛЕК: Емоцијата која го штити срцето и го зајакнува имунитетот

Vecer | 19.05.2026

БЛАГОДАРНОСТА КАКО ЛЕК: Емоцијата која го штити срцето и го зајакнува имунитетот

Да се живее долго и да се остане што е можно поздрав е речиси универзална желба, а познато е дека, освен гените, за тоа придонесува и начинот на живот кој вклучува здрава исхрана, вежбање и социјални контакти. Меѓутоа, ова истражување за првпат го поврза факторот на благодарност со долговечноста. Истражувачите од Harvard T. H. Chan School of Public Health открија дека факторот на благодарност го намалува ризикот од смрт за дури девет проценти. Трудот е објавен во списанието JAMA Psychiatry.

Во студијата биле користени податоци од друго истражување, она за здравјето на медицинските сестри, со вкупно 49.275 испитаници на просечна возраст од 79 години. Во 2016 година, учесниците пополниле прашалник на тема благодарност. Втората студија била спроведена во 2019 година, до кога веќе починале 4.608 учесници (најмногу од кардиоваскуларни болести). Врз основа на собраните податоци, научниците успеале да утврдат дека оние кои биле во горниот опсег според факторот на благодарност имале помал ризик од смрт во споредба со учесниците кои чувствувале малку благодарност во својот живот.

„Се чини дека благодарноста штити од сите причини за смрт, но најчесто од кардиоваскуларните болести“, се наведува во соопштението од универзитетот.

„Претходните студии покажаа поврзаност меѓу благодарноста и помалиот ризик од психолошки стрес, како и поголема емоционална и социјална благосостојба. Меѓутоа, врската со физичкото здравје е помалку позната. Нашата студија ги обезбедува првите емпириски докази на оваа тема и сугерира дека доживувањето на благодарност може да го зголеми очекуваниот животен век кај постарите луѓе“, изјави главниот автор Јинг Чен (Ying Chen), додавајќи дека благодарноста е моќна алатка која позитивно влијае врз нашата благосостојба, а со тоа и врз нашиот животен век.

Што сè добро ни носи благодарноста?

А што е всушност благодарноста и како да ја негуваме во нашиот живот? Психологот Илона Биргел (Ilona Bürgel) објаснува дека благодарноста е свест за тоа колку ни значи животот и чувство кое јасно може да се лоцира во срцето. Според истражувачот на благодарноста, Роберт Емонс (Robert Emmons), можат да се утврдат девет докажани ефекти од благодарноста во секојдневниот живот:

1. Ориентација кон доброто во животот – без оглед на тоа колку потешкотии преживуваме во моментот, гледаме многу убави и пријатни нешта во животот и увидуваме каде можеме да побараме помош.

2. Ги подобрува социјалните односи – бидејќи сфаќаме колку добро другите луѓе влијаат врз нас и колку ни значат.

3. Фокус на сегашноста – на мозокот му е потребна разновидност и тој многу брзо се прилагодува на околностите. Затоа, пријатните нешта во животот пребрзо ги земаме здраво за готово.

4. Ги спречува негативните чувства – не можеме да бидеме лути или завидливи и благодарни во исто време.

5. Стануваме поотпорни – благодарноста ни овозможува да ги сместиме тешките ситуации во поширок контекст и така да ги ставиме во перспектива. Тоа ни овозможува и брзо закрепнување и поголема отпорност на стрес.

6. Се зголемува самопочитта – ако забележуваме дека другите луѓе ни прават добро, тоа значи дека вложуваат во нас. На тој начин може да се развие и сопственото чувство на вредност.

7. Здравствени придобивки – благодарноста го зајакнува имунолошкиот систем, помалку чувствуваме болка, крвниот притисок опаѓа, а сонот се подобрува.

8. Доброто привлекува добро – благодарниот поглед кон добрите страни на животот нè поттикнува сè повеќе да ги забележуваме и така да продолжиме да ја зголемуваме нашата благосостојба.

9. Благодарните луѓе се емпатични – бидејќи радоста од она убаво што ни се случува ја зголемува подготвеноста и самите да правиме добро.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk