Двајца американски научници се соочуваат со сериозни кривични пријави откако биле фатени во обид тајно да внесат ампули со деактивиран вирус на „мпокс“ (мајмунски сипаници) од Африка во САД, а потоа дале и лажни изјави при сослушувањето на аеродромот во сојузната држава Мичиген, пренесуца Си-Ен-Ен.
Кривичната пријава е поднесена пред сојузниот суд во Детроит против Винсент Мунстер, раководител на Одделот за екологија на вируси во престижната лабораторија „Роки Маунтаин“, и неговиот соработник Клод Кве. Како што пренесува Си-Ен-Ен (CNN), Мунстер и Кве биле пресретнати од надлежните служби во јануари, веднаш по нивното пристигнување со лет од Париз, а по претходен деветдневен престој во Република Конго.
Иако Мунстер пред царинските служби „одлучно негирал“ дека во САД внесува какви било биолошки материјали или примероци, последователните детални проверки на ФБИ покажале дека двајцата виролози патувале со ампули кои содржеле деактивиран вирус на мпокс. Истражителите нагласуваат дека научниците ниту го пријавиле материјалот, ниту пак обезбедиле соодветни дозволи за негов транспорт.
„Секој намерен обид за прикривање и криумчарење биолошки материјали во Соединетите Држави без соодветно одобрение претставува изигрување на довербата на јавноста и сериозно можеше да ја загрози јавната безбедност“, изјави Маркус Сајкс од Канцеларијата на главниот инспектор при американското Министерство за здравство.
Засега не е официјално соопштено која била мотивата на Мунстер и Кве тајно да го донесат деактивираниот вирус во нивната лабораторија. ФБИ сепак посочува дека станува збор за искусни виролози кои со години интензивно работат на истражување на мајмунските сипаници.
Овој инцидент привлекува дополнително внимание бидејќи епидемијата на мпокс во Конго, која беше прогласена за завршена во април, однесе повеќе од 2.000 животи. Според податоците на Светската здравствена организација, најчестите симптоми на оваа болест се карактеристичен осип и покачена телесна температура, но во одредени случаи инфекцијата може да предизвика и фатални здравствени компликации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата