Повеќето од нас имаат прилично фиксно време за будење, алармот во седум или осум часот наутро е неумолив. Сепак, малкумина од нас имаат фиксно време за спиење. Токму во оваа „флексибилност“ е причината зошто во текот на денот се чувствувате како постојано да доцните за сопствениот живот.
Експертот за управување со времето и авторка на осум книги на оваа тема, Лаура Вандеркам, за CNBC Make It вели дека хаотичните навики за спиење директно ја саботираат нашата продуктивност. Логиката е едноставна: без постојан сон, фокусот опаѓа. Кога не сте фокусирани, задачите се натрупуваат. Кога се натрупуваат, почнувате да бркате рокови и да правите грешки. На крајот, времето што сте го „заштедиле“ со тоа што останувате будни до доцна, всушност го поминувате следниот ден во поправање на сопствените грешки.
„Проблемот е што луѓето спијат доволно часови во текот на неделата, но тој сон е целосно неорганизиран“, објаснува Вандеркам. Една ноќ останувате предолго будни, следната заспивате на каучот со филм, а за време на викендот целосно го прекинувате ритамот.
Во студија што ја спроведе со над 150 учесници, правилото за фиксно време за спиење беше прогласено за „најмалку привлечно, но највлијателно правило за продуктивност“. Оваа теза беше потврдена и со истражување објавено во медицинското списание Nature во јули 2025 година, кое покажа јасна врска помеѓу нередовните времиња за спиење и ниската работна ангажираност кај примерок од 79.000 вработени во Јапонија.
Вандеркам го гледа поставувањето време за спиење како дефинирање на рамката за целиот ден. „Знаеме дека денот има почеток, но сме многу нејасни во врска со идејата дека секој ден има крај. Сè што планирате да направите мора да се вклопи во таа временска рамка. Тоа е еден вид сложувалка“, вели таа.Фиксното време (за неа е 23 часот) ви овозможува да донесувате порационални одлуки за тоа што навистина може да се вклопи во вашиот дневен распоред. Кога знаете кога „портите се затвораат“, престанувате да правите нереални обврски.
Неврологот од Универзитетот Џонс Хопкинс, Рејчел Салас, нè потсетува дека спиењето влијае на сè, од меморијата до варењето. За да го пронајдете вашиот идеален ритам, следете ги овие чекори:
- Определете природно време за будење: Набљудувајте неколку дена кога вашето тело се буди само без аларм.– Направете го обратниот инженеринг: На повеќето возрасни им требаат околу седум часа сон. Ако знаете кога треба да станете, едноставно одбројте онолку часови колку што ви се потребни за да се чувствувате остроумни.– Поставете граница: Тоа е вашето време за спиење. Не е предлог, туку фиксна точка во календарот.Доследното одење во кревет не е само прашање на здравје, тоа е врвна алатка за бизнисот. Тој не ви го одзема слободното време навечер, тој ви го купува следниот ден.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата