logo
logo
logo

Ирски рај на продажба: Цело село бара нов сопстеник

Vecer | 15.04.2026

Ирски рај на продажба: Цело село бара нов сопстеник

Ако сè почесто размислувате за бегство од бетонската џунгла и замислувате живот во помирно и побавно опкружување, можеби постои решение кое звучи речиси нестварно. Сепак, тоа е луксуз резервиран само за ретките со доволно длабок џеб.

Имено, во Ирска се продава цела населба.

Станува збор за имотот Вилиџ ат Лионс, кој се простира на околу 20 хектари, а се наоѓа на само половина час возење од Даблин, во округот Килдеар. Цената? Околу 20 милиони евра.

До овој необичен посед се стигнува преку ограден приод опкружен со дрворед, а денес тој функционира како луксузен хотел со пет ѕвезди под името „Клиф ат Лионс“.

Комплексот нуди 32 соби распоредени во неколку историски објекти, како и пет засебни куќички со две спални соби за гостите кои бараат повеќе приватност. Во понудата се и внатрешни и надворешни спа-содржини, обединети под името „Бунарот во градината“,, како и повеќе ресторани. Меѓу нив беше и „Ејмсир“, ресторан со две Мишелин ѕвезди, кој беше затворен на почетокот на 2025 година.

Продажбата ја води една од најпознатите агенции за недвижности во светот, „Сотбис Интернешнл Риалти“, а идниот сопственик ќе добие и низа дополнителни содржини: библиотека, домашно кино, уметничко студио, простор за јога и надворешно џакузи.

Историја која датира од 18 век

Историјата на ова место се протега до крајот на 18 век. Сместено покрај Големиот канал, кој го поврзува Даблин со реката Шенон, селото некогаш било важен локален центар.

Во своите најдобри денови опфаќало млин за брашно со кој управувал Џозеф П. Шеклтон (роднина на познатиот истражувач Ернест Шеклтон), потоа касарна, ковачница и низа станбени куќички. Но, откако млинот изгорел, селото почнало постепено да пропаѓа, а многу од зградите биле запуштени.

Основачот на „Рајанер“ ја започна обновата

Новото поглавје започнува во 1996 година кога имотот го купува Тони Рајан, основачот на авиокомпанијата „Рајанер“. Иако главната куќа не е дел од моменталната продажба, токму тој ја покрена опсежната обнова на недвижноста која траеше од 1999 до 2008 година, враќајќи го животот на ова речиси заборавено место.

По смртта на Тони Рајан, во 2016 година сопственик на имотот станува ирскиот претприемач и финансиер Бери О’Калаган, кој преку својата групација управува и со хотелот што се наоѓа во рамките на селото.

Денес, Вилиџ ат Лионспретставува спој на историјата и луксузот и ретка можност за оние кои можат да си дозволат сопствено село, далеку од градската врева.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk