Одамна воспоставената логика на германското социјално право дека работникот е или целосно болен или целосно здрав наскоро би можела да стане минато, пренесува германскиот портал „Меркур“. Сојузната влада предводена од канцеларот Фридрих Мерц планира сеопфатна здравствена реформа која воведува систем на делумно боледување. Наместо досегашното црно-бело размислување, лекарите во иднина ќе можат да утврдат работна неспособност во проценти од 25, 50, 75 или 100 отсто. Тоа значи дека вработен кој работи 40 часа неделно, во случај на делумна спреченост, би можел да продолжи да работи 20 часа.
Зад овој проект стои министерката за здравство Нина Варкен, чиј законски предлог се очекува да помине на владина седница во текот на април 2026 година. Главната цел на реформата е побрзо враќање на работниците на нивните работни места и долгорочно намалување на трошоците за надоместоци за боледување, особено ако се земе предвид дека во 2025 година просечниот број на денови поминати на боледување изнесувал дури 19,5 дена по вработен.
Новиот модел на етапна работна неспособност е првенствено наменет за долготрајни боледувања кои траат повеќе од четири недели. За негова примена мора да бидат исполнети три клучни услови: лекарот да потврди ограничена способност, вработениот да се чувствува подготвен за работа и работодавачот да даде своја согласност. Доколку работодавачот не се согласи, работникот останува на целосно боледување. Овој модел предвидува флексибилност, па така некој со полесна повреда или настинка би можел да работи од дома, додека занаетчиите кои не можат да бидат на терен би можеле да извршуваат административни задачи.
Во однос на финансиите, во првите шест недели нема промени и работодавачот ја исплаќа целата плата. По овој период, работодавачот плаќа само за сработените часови, додека за остатокот од времето здравственото осигурување исплаќа надоместок. Иако предлогот наведува дека ова е економски поповолно за вработените отколку само примање надоместок, реформата носи и една помалку популарна мерка, а тоа е намалување на висината на надоместокот за боледување од сегашните 70 на 65 отсто од бруто платата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата