Принцот Фредерик од Насау, почина на 23-годишна возраст. Младиот принц уште од детството имаше ретка болест позната како синдром на исцрпување на митохондријалната ДНК, која ја троши енергијата на клетката, што доведува до прогресивна дисфункција и откажување на органите.
Роберт од Луксембург, братучед на големиот војвода Анри, со огромна тага објави дека починал неговиот син, принцот Фредерик од Насау. И покрај сите напори на неговото семејство и медицинските стручњаци, Фредерик ја загуби битката со болеста на 1 март, а на Денот на ретките болести, 28 февруари, кога почувствува дека неговиот живот е при крај – се прости од членовите на семејството.
Тоа што го имаше принцот е генетско нарушување кое ги лишува клетките на телото од енергија, што доведува до прогресивна дисфункција и откажување на повеќе органи. Може да се спореди со неисправна батерија која никогаш не се полни целосно и постојано се празни. Оваа болест е ретка, па не се знае колку пациенти има. Синдромот на исцрпување на митохондријалната ДНК (mtDNA) е токму такво нарушување - ретко, но уништувачко, бидејќи доведува до намалување на бројот на копии на ДНК во митохондриите, оставајќи ги клетките немоќни.
Од рана возраст, Фредерик покажуваше симптоми кои дури подоцна биле препознаени како резултат на мутацијата POLG. Неговиот татко ги опиша првите знаци на болеста за данскиот весник „Виргул“:
„Тој беше бебе кое спиеше додека другите деца трчаа насекаде. Подоцна се појавија проблеми со рамнотежата и координацијата. Постојано губеше сила и често беше болен.“
За да разберат низ што поминува нивниот син, Роберт и неговата сопруга Џули Елизабет Хјустон Онгаро се консултирале со бројни лекари. Клучна улога во наоѓањето на дијагнозата одиграл таткото на Џули, професор и хирург во Општата болница во Масачусетс во Бостон. Благодарение на неговата вклученост, Фредерик конечно доби точна дијагноза во 2016 година. За жал, болеста продолжила да напредува, поради што младиот принц бил подложен на повеќе операции.
Во трогателно писмо што го сподели Роберт во име на целото семејство, се опишани последната ноќ и моментот на збогување на Фредерик:
„Минатиот петок, на 28 февруари, нашиот сакан син нè покани во својата соба за последен пат да разговараме со него. Тој најде сила и храброст да се збогува со секој од нас – со неговиот брат Александар, неговата сестра Шарлот, со мене, со неговите братучеди Чарли, Луис и Донал, неговиот зет, Мансур, и, конечно, имаше можност да му ѝ се обрати на тетка Шарлот и вујко Марк. Тој веќе имал можност да ѝ упати зборови од срце на својата извонредна мајка која не го напуштила во последните 15 години. Откако ни кажа проштални зборови – некои нежни, некои мудри, некои поучни – во вистинскиот дух на Фредерик, тој нè остави со една стара семејна шега и во последните мигови, неговата несебичност и хумор нè натера да се смееме.
Неговиот татко особено се осврна на последните зборови на Фредерик кон него:
„Тато, дали си горд на мене?“
Роберт истакна колку животот на Фредерик го исполнил со гордост, не само како син, туку и како лидер и инспирација за многумина ширум светот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата