logo
logo
logo

Се одбележуваат СТО ГОДИНИ ОД ПРВОТО ПОЈАВУВАЊЕ НА ВИНИ ПУ

Vecer | 25.12.2025

Се одбележуваат СТО ГОДИНИ ОД ПРВОТО ПОЈАВУВАЊЕ НА ВИНИ ПУ

Точно сто години поминаа од првото појавување на цртаниот јунак и еден од најпознатите ликови во детската книжевност – мечето Вини Пу, кој за првпат се појави во кратката приказна „Погрешен вид пчели“, објавена на 24 декември 1925 година во лондонскиот вечерен весник „London Evening News“.

Ликот брзо стекна светска популарност, заедно со Тигарот, Кристофер Робин, играта „Пуови стапчиња“ и измислената шума Акр 100, која во реалноста е шумата Ешдаун во Источен Сасекс, каде што авторот Алан Александар Милн имал селска куќа, наведува Би-би-си.

Големата популарност на Мечето Пу и денес носи значителни приходи за тој регион, а локалните власти издвоиле околу 450.000 фунти од јавни средства за финансирање на програмата на настани по повод јубилејот.

Приказните за Мечето Пу се сместени во шумата Ешдаун, која има статус на природна убавина од особено значење.

Милн во 1925 година го купил имотот Кочфорд фарма, околу еден километар северно од шумата, во близина на местото Хартфилд.

Книгата „Вини Пу“, заснована на измислените авантури на Милновиот син Кристофер Робин и неговото кадифено мече, била објавена во 1926 година, додека продолжението „Куќата на аголот на Пу“ излегло во 1928 година.

Објавени се и две збирки поезија со истите ликови.

Оригиналниот мост на кој Милн и неговиот син ја осмислиле играта „Пуови стапчиња“ кон крајот на деведесеттите години станал дотраен и небезбеден, па бил отстранет и заменет со реплика која и денес се наоѓа во шумата.

Оригиналната конструкција била продадена на аукција во 2021 година за 131.000 фунти.

Популарноста на Вини Пу дополнително пораснала откако компанијата Дизни во 1961 година ги откупила правата за приказните.

Продавницата за сувенири и чајџилницата „Пуовиот агол“, во близина на мостот во Хартфилд, е отворена во 1978 година и е исполнета со спомени поврзани со овој лик.

Сопственикот на локалот, Нил Рид, изјави дека е исклучително да се видат посетители од целиот свет кои доаѓаат во мало англиско село за да ја одбележат годишнината на Мечето Пу.

По повод 100. роденден на Мечето Пу, планирани се бројни манифестации, вклучувајќи инсталација која центарот за посетители би го претворила во книга на расклопување во природна големина, како и отворање нови пешачки патеки, со заштита на чувствителните подрачја во шумата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk