Пред аеродромот на Скијатос се случи инцидент, кога две девојки беа заробени во вртлогот на турбината на авионот што полета во 10 часот утрово. Една од нив паднала на асфалтот и се здобила со тешки повреди, јавуваат грчките медиуми.
Според Skiathoslife.gr, млада Германка била повредена и добила прва помош во здравствениот центар.
Германката буквално била однесена од издувните гасови на авионот кој штотуку полетал, по што пријателите и минувачите ѝ притрчале на помош, а веќе по 10 минути од познатиот аеродром полетал нов авион.
Гледањето на авионите како полетуваат и слетуваат од блиску, како што е случајот на аеродромот Скијатос, многумина го сметаат за возбудливо искуство, но сепак претставува опасност за луѓето.
Туристите продолжуваат со опасната навика
Се чини дека дури и оваа година туристите на Скијатос продолжуваат со опасната навика да стојат веднаш зад опашката на авионот на работ од пистата за време на полетувањето, што им овозможува да ја видат, почувствуваат и доживеат силата на потисокот на турбината.
Штом авионот ќе ги запали моторите за да започне полетувањето, воздухот што излегува од турбините влече некои луѓе со себе, додека други ги фрла на спротивната страна. Ова е нешто навистина опасно, кое властите го забранија, но туристите сè уште го прават, забележуваат грчките медиуми.
За време на полетувањето, турбините на авионот создаваат огромен потисок и исклучително силна воздушна струја, што може:
• да повлече луѓе и предмети,
• да предизвика падови, повреди или дури и сериозни несреќи,
• фрла чакал, песок и други честички со голема брзина, предизвикувајќи повреди на очите или лицето,
• да предизвика оштетување на возила или лични предмети.
Грчките медиуми истакнуваат дека областа зад авионот за време на полетувањето НЕ е туристичка атракција – тоа е зона со висок ризик. Иако многу луѓе пристапуваат кон местото за да фотографираат или снимаат видеа, сепак е потребно да се почитуваат безбедносните мерки и предупредувања.
„Почитувајте ги знаците и безбедносните упатства. Не ризикувајте ја вашата безбедност поради видео или селфи“, апелираат властите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата