Според најновите прогнози на Евростат, Европа се подготвува за драстично демографско стеснување кое до 2100 година ќе го намали населението на Унијата за 11,7 проценти, пренесува Политико. Иако бројот на жители првично ќе бележи мал пораст и ќе го достигне својот врв од 453 милиони во 2029 година, веднаш потоа ЕУ ќе влезе во долг и незапирлив пад. Проценките се дека до крајот на векот популацијата ќе падне под 400 милиони, при што бројот на млади луѓе и работоспособно население значително ќе се намали, додека уделот на лицата над 80 години повеќе од двојно ќе се зголеми.
Главната причина за ваквата состојба е нискиот наталитет кај европското население, каде стапката на фертилитет е падната на околу 1,3 раѓања по жена, што е далеку под нивото потребно за одржување на постојната бројка. Во Франција ситуацијата е веќе критична, бидејќи во 2025 година, за првпат по Втората светска војна, бројот на починати лица го надмина бројот на новородени. Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека падот на наталитетот е тесно поврзан со порастот на неплодноста и доцното основање на семејства, поради што официјален Париз веќе ги повикува младите да раѓаат деца додека се во своите дваесетти години, истовремено ветувајќи поголема поддршка и услуги за фертилитет.
Оваа драматична промена ќе предизвика огромен притисок врз пензиските и здравствените системи низ целиот континент, со оглед на тоа што ќе има сè помалку работници кои ќе треба да го издржуваат сè поголемиот број пензионери. Иако миграцијата во изминатите години помагаше делумно да се пополни овој јаз, истражувањата на Европскиот парламент покажуваат дека таа не може целосно да го надомести падот на наталитетот. Дополнително, во земји како Германија се забележува заострување на политиките, како што е неодамнешниот предлог на канцеларот Фридрих Мерц за враќање на голем дел од сириските бегалци во нивната матична земја во следните три години, што дополнително ја комплицира демографската иднина на блокот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата