Судот во Германија денес осуди четворица поранешни директори на „Фолксваген“ за измама – од кои двајца добија затворски казни, а двајца условни казни за нивна вмешаност во манипулирање со контролите за емисии на стакленички гасови.
Пресудата на судот во Брауншвајг доаѓа речиси десет години откако изби скандалот околу обидот на „Фолксваген“ да ги заобиколи прописите за своите возила на дизел гориво.
Поранешниот раководител на одделот за развој на дизел мотори беше осуден на четири и пол години затвор, додека раководителот на одделот за електроника на менувачот доби две години и седум месеци затвор, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Останатите двајца менаџери добија условни казни – 15 и 10 месеци, соодветно.
Скандалот избувна во септември 2015 година кога Агенцијата за заштита на животната средина на САД ја извести јавноста за прекршување на регулативата, бидејќи беше откриено дека Фолксваген манипулирал со софтверот за контрола на моторот за возилата да ги поминат тестовите за емисии – иако испуштале многу повеќе од дозволеното.
Компанијата досега исплатила повеќе од 33 милијарди евра казни и обештетувања на сопствениците на возила, а двајца менаџери се осудени на затворска казна во САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата