Додека нискобуџетните авиокомпании во Европа и регионот постојано го кратат просторот за нозете, па дури и кокетираат со идејата за „стоечки летови“ на кратките релации, на другата страна на светот се случува вистинска револуција во удобноста. Ер Њу Зеланд конечно става крај на кошмарот наречен спиење во седечка положба за патниците од економската класа, воведувајќи ги првите хоризонтални кревети во оваа категорија, пишува „NBC News“.
Почнувајќи од ноември оваа година, новиот авион од типот Боинг 787-9 Дримлајнер на релацијата Окленд – Њујорк ќе биде опремен со иновативните Skynest капсули. Ова претставува огромно олеснување за патниците на оваа ултра-долга линија, каде летот трае помеѓу 16 и 18 часа, што е вистински маратон и огромен предизвик за секој што е принуден да седи во стандардно седиште. Патниците кои патуваат со економска или премиум економска класа ќе имаат можност однапред да резервираат четиричасовен престој во една од шесте капсули за спиење. Цената за овој небесен хостел изнесува околу 246 евра над основната цена на билетот, а капсулите се распоредени на три нивоа помеѓу кабините.
Бидејќи креветите се сместени во заеднички простор, авиокомпанијата воведе строг бонтон за однесување. Патниците мора да се воздржат од конзумирање храна и користење силни парфеми, а престојот е наменет исклучиво за индивидуално дремнување, што значи дека дружење во парови или музички испади се строго забранети. За оние кои се грижат за чистотата, од Ер Њу Зеланд уверуваат дека перниците, чаршафите и ќебињата се освежуваат по секоја четиричасовна смена, а користењето специјални хигиенски чорапи е задолжително.
Ова е првпат во историјата на комерцијалната авијација патниците со ограничен буџет да добијат шанса да се испружат хоризонтално без да плаќаат илјадници евра за бизнис класа. Иако четири часа претставуваат само мал дел од летот, во свет каде колената ни се заглавени во седиштето пред нас, оваа понуда звучи како чиста фантазија која конечно станува реалност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата