Иако денес звучи неверојатно, судирите во воздух некогаш беа релативно чести несреќи. Само во САД, меѓу 1948 и 1955 година, се случиле дури 127 судири во воздушниот простор, од кои 30 вклучувале комерцијални авиони. Сепак, дури по трагичниот инцидент над Гранд Кањон во 1956 година, безбедносните мерки во американската авијација беа трајно и радикално променети за да се спречат вакви катастрофи.
Судир во неконтролирано небо поради панорамско разгледување
Во саботата наутро, на 30 јуни 1956 година, авион од типот „Lockheed Super Constellation“ на компанијата ТВА (TWA) со 70 патници се судри со „Douglas DC-7“ на Јунајтед Ерлајнс (United Airlines) во кој имало 58 лица. Со вкупно 128 жртви, ова стана првата катастрофа во комерцијалната авијација што ја надмина бројката од сто смртни случаи. Двата авиони летаа во неконтролиран воздушен простор, каде што тогашното правило налагаше пилотите самите да одржуваат безбедно растојание според принципот „види и биди виден“. Авионите се приближуваа кон кањонот со слична брзина и на иста висина од околу 21.000 стапки, бидејќи капетаните намерно скршнале неколку милји од нивната рута за да им овозможат на патниците подобар поглед на природната убавина.
При судирот, левото крило на авионот на Јунајтед го зафати опашниот дел на авионот на ТВА, по што опашката целосно се откинала, а авионот во остар нос заминал кон земјата и со огромна брзина од 770 километри на час удри во месноста Темпл Бјут. Од друга страна, оштетеното крило и откажаниот мотор го натераа авионот на Јунајтед да влезе во спирала, по што и тој со полна брзина удри во карпите на Чаур Бјут. Двата авиони целосно се дезинтегрираа при ударот, оставајќи ги сите патници и членови на екипажот мртви на лице место.
Тешка потрага и ужасни сцени во кањонот
Бидејќи несреќата се случи во неконтролирана зона, никој веднаш не знаеше каде се наоѓаат авионите. Урнатините први ги забележаа браќата Хаџин, кои управуваа со мала такси-авиокомпанија во кањонот, откако претходно забележале густ црн чад за кој првично мислеле дека е обичен пожар предизвикан од гром. По прогласувањето на авионите за исчезнати, тие полетаа да истражат и ги лоцираа остатоците, по што беа ангажирани воени хеликоптери бидејќи теренот беше целосно непристапен по копнен пат. Сцените на двете локации беа страшни, при што позитивната идентификација на телата беше речиси невозможна во ерата пред ДНК-тестирањето, што резултираше со тажни масовни погреби во Аризона.
Мртви агли и раѓањето на ФАА (FAA)
Истрагата на Одборот за цивилно воздухопловство покажа дека авионите всушност летале паралелно подолг период и се наоѓале во меѓусебни мртви агли додека се обидувале да поминат низ голем кумулусен облак. Несреќата ги извади на виделина сите недостатоци на застарениот систем за контрола на летови од 1950-тите години каде што немаше радарско следење, а комерцијалните летови се потпираа само на повремени радио-преноси, додека воените и приватните авиони речиси целосно сами го контролираа својот пат. По овој настан, американскиот Конгрес итно донесе закон со кој беа формирани Федералната управа за воздухопловство (FAA) и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), со што започна темелната модернизација на контролата на летови која ја направи авијацијата најбезбедниот начин на транспорт во светот денес.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата