Она што на почетокот изгледало како необична карпа, всушност бил исклучително добро зачуван артефакт - стар најмалку 48 милиони години!
Мајката останала без зборови
Откритието ја претворило рутинската семејна прошетка во настан од големо значење за целиот регион, објавува „Мирор“.
Мајката на Турен, Теса Патерсон, рекла дека останала без зборови кога видела фотографии од пронајдениот предмет.
„Бевме запрепастени. Се прашувавме што е тоа“, изјавила таа за локалните медиуми.
Фосил внимателно ископан
Семејството го пријавило откритието во Бирото за управување со земјиштето (BLM), по што експертите биле испратени на терен за да го испитаат местото.
Меѓу оние што одговориле бил и Џ.П. Кавиџели, специјалист за музејски колекции во Геолошкиот музеј Тејт во Касперс, Вајоминг.
„За неколку минути, можевме да кажеме дека станува збор за речиси целосна школка од желка и дека вреди да се погледне“, рече тој.
Фосилот бил внимателно ископан и стабилизиран пред да биде транспортиран во музејот, каде што бил исчистен и научно испитан. Службениците ја пофалиле грижата и смиреноста на Турен, велејќи дека неговата брза одлука да ги извести властите била клучна.
Поглед во минатото
Портпаролот на BLM изјави дека откритието не би било можно без „острото око за фосили“ на Турен и неговата одлука да го пријави откритието во бирото.
Оклопот, кристализиран милиони години под земја, сега служи како мост помеѓу модерното и античкото време во југозападен Вајоминг.
Извонредно зачуваниот фосил од желка Trionychidae нуди редок поглед во времето кога сега сушниот басен на Големата Зелена Река бил тропска поплавна рамнина, испресечена со реки и потоци полни со живот.
Откритието фрла светлина врз светот на древните водни суштества што некогаш живееле во овие потоци, пред климата на областа да ја добие својата сегашна форма.
Спасено од распаѓање
Крег Томас, археолог и координатор за палеонтолошки истражувања за BLM, рече дека откритието на детето веројатно го спасило реткиот примерок од распаѓање.
„Ако не ги пронајдеме навреме, тие имаат тенденција брзо да се распаѓаат откако ќе стигнат до површината“, изјави тој за локалните медиуми.
БЛМ изјави дека откритието „не само што помогнало да се зачува важен дел од палеонтолошката историја на Вајоминг, туку и ја истакнало улогата на јавноста во заштитата и одговорното известување за научните ресурси пронајдени на јавни површини“.
Како последен гест на благодарност, БЛМ му дозволи на Турен да го именува фосилот на праисторискиот влекач, за кој се проценува дека е стар 48 милиони години. Затоа, тој бил наречен „Малиот Тими“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата