logo
logo
logo

Ги плашела со клетви и смрт, па исчезнала: ПОТЕРА ПО ЛАЖНА ШАМАНКА ОД СРПСКО ПОТЕКЛО

Vecer | 24.01.2026

Ги плашела со клетви и смрт, па исчезнала: ПОТЕРА ПО ЛАЖНА ШАМАНКА ОД СРПСКО ПОТЕКЛО

Избеганата лажна шаманка од српско потекло, Маријана Мијаиловиќ (45), по која се трага веќе една година, моментално се наоѓа на списокот на најбарани лица во Европа, а австриските истражители нудат парична награда од 5.000 евра за секоја информација што би довела до нејзино апсење.

Како што наведуваат истражните органи, вкупно 19 жртви биле измамени за дури 1,77 милиони евра, а на мета најчесто биле жени кои биле доведени во состојба на страв и паника.

– Жртвите биле заплашувани со приказни за клетви, тешки болести, па дури и смрт. Потоа од нив биле барани огромни суми пари, злато и накит за наводни „ритуали за прочистување“ – наведува извор.

На листата на Интерпол

Маријана Мијаиловиќ, која и понатаму е во бегство, сега е предмет на потрага на истражители ширум светот. Нејзиното име неодамна се појави на листата на Интерпол „Најбарани во Европа“. Страницата, според достапните податоци, последен пат била ажурирана на 12 јануари 2026 година.

– За информации што би довеле до нејзино апсење понудена е награда од 5.000 евра, а полицијата апелира до граѓаните да се јават доколку имаат какви било сознанија за нејзиното движење – нагласија на веб-страницата на Сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Менувала идентитети за време на бегството

Според официјалните податоци, Мијаиловиќ е родена на 21 декември 1980 година во Виена, поседува австриско државјанство, а наводно се служела и со презимето Куловиќ, како и со псевдонимите Фатима, Силвана и Амела. Нејзините родители се Милан и Драгана, висока е 164 сантиметри, има кафеави очи и најчесто фарбана коса.

– Осомничената е позната по тоа што ги менувала идентитетите за да го избегне апсењето – наведуваат истражителите.

Измама тешка милиони

Лажната шаманка се товари за тешка измама, а според наводите на обвинителството, дејствувала во Австрија, Швајцарија и Германија. Се претставувала како шаманка и нудела „заштита“ преку ритуали кои биле целосно измислени.

– Сè било добро осмислено. Луѓето верувале дека нивниот живот е загрозен, а таа го користела тоа за лична финансиска корист – наведува извор од полицијата.

Маријана, да потсетиме, доспеа во фокусот на јавноста по спектакуларна полициска акција спроведена на почетокот на минатата година. Тогаш во нејзиниот дом и просториите што ги користела биле пронајдени шокантни предмети кои, според сведоци, биле користени во бизарни ритуали.

При претресот на куќата во квартот Медлинг бил запленет сеф во кој имало накит, злато, скапи часовници и готовина во вредност од неколку милиони евра. Во сефот, покрај 4,1 милион евра во готово, имало и 2,1 милион швајцарски франци (2,5 милиони евра), 5.100 американски долари и 500 германски марки.

Во меѓувреме, истражителите откриле 14 луксузни автомобили во изнајмена гаража, меѓу кои Aston Martin Vantage V8 и златен Mercedes 250 SE купе, вреден приближно 28.000 евра, како и 25 килограми златни прачки, килограми накит, готовина и златни и сребрени монети.

Инаку, монетите биле скриени во обични пластични кеси во заѕидан базен. Во базенот можело да се влезе само преку отвор на подот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk