Погледнете како да направите домашен леб без брашно, за кој е потребен минимум труд, а е нискокалоричен, мек и многу вкусен.
Во последниве години замените за класичниот бел леб кои имаат понизок гликемиски индекс и повеќе хранливи материи стануваат сè попопуларни, особено ако користите супер здрави семиња кои се богати со хранливи материи.
Една од најпопуларните варијанти е печивото од ленено семе, кое може да се користи на различни начини за домашен леб и погачки, а денес ви го претставуваме наједноставниот.
Семето од лен, инаку, има околу 533 калории во 100 г, но нема да го јадете целиот овој леб одеднаш, а има и 18,28 г протеини, 28,88 г јаглени хидрати, како и многу витамини и минерали, особено витамин Б1, фосфор, бакар, потоа растителни соединенија како р-кумаринска киселина, ферулинска киселина, цијаногени гликозиди, фитостероли и лигнани.
За овој домашен леб потребно е само да додадете прашок за печиво и вода, а по желба можете да посолите и да додадете чиа семе или семки од тиква или сончоглед, сусам...
Леб од ленено семе

Потребни состојки:
- 175 г ленено семе
- 200 мл вода
- 1 лажичка прашок за печиво
- (по желба) ¼ лажичка сол, семки по желба
Начин на приготвување:
Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени и обложете ја тавата со хартија за печење. Семките од лен ставете ги во сечко или блендер и добро сомелете ги. Мелете додека не стане речиси прашкасто, како брашно. Додадете прашок за печиво и ако сакате (но не мора) посолете, потоа прелијте со вода и мешајте додека не добиете фино и компактно меко тесто.
Притиснете во помало тавче како обичен леб или обликувајте топчиња за да направите ленени топчиња, па наредете ги на тавата. Ако сте се одлучиле за леб, пресечете го со нож на повеќе места, а ако правите топчиња, направете по еден рез на средината. Печете околу 20 минути, но внимавајте секоја рерна пече со своја брзина, па проверете по 15 минути дали е готово. Извадете да се излади целосно.
Погледнете како се прави лебот од ленено семе:
Послужете со слатки и солени јадења, користете за сендвичи, тост...
Вака подготвеното печиво на собна температура, завиткано во кесичка, може да остане свежо 2-3 дена, а доколку го чувате во фрижидер и до шест дена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата