Панетоне е традиционален италијански сладок леб за кој многу слаткари велат дека не е лесен за подготовка дома. Не затоа што има многу месење, туку затоа што бара трпение, прецизност и време. Потребно е добро познавање на тестото, температурата и состојките.
Панетоне се подготвува два дена. Ова не е рецепт што може да се забрза. Сите состојки мора да бидат на собна температура, идеално околу 25°C. Најдобро е да се остават преку ноќ во кујната.
Тестото се меси во две фази. Во првата фаза се замесува тесто од брашно, шеќер, квасец, путер, млеко и жолчки и се остава да нараснува околу 12 часа. Многу е важно квасецот прво да се активира со шеќер и млако млеко. Садот во кој се активира треба да биде голем, бидејќи квасецот многу ќе нарасне.
Тестото се меси најмалку 15 минути за да се развие глутенот. Потоа се додава омекнат путер (не стопен!) и жолчки, па се меси уште кратко. Тестото се остава покриено, на топло место, да одмори и да нараснува преку ноќ.
Следниот ден во тестото се додаваат уште путер, шеќер, брашно и јајца, а потоа и сувото грозје и кандираното овошје со кора од портокал и лимон. Сè добро се меси за состојките рамномерно да се распоредат.
Тестото се става во калап за panettone, претходно добро намачкан со путер, и се остава повторно да нарасне околу 2 часа. Пред печење, одозгора може да се стават неколку коцки путер.
Panettone се пече на 170°C околу еден час. Во рерната е добро да има пареа (може да се стави сад со вода на дното) за да се испече рамномерно.
Резултатот е мек, сочен и ароматичен сладок леб, идеален за празници. Иако бара време и трпение, вреди да се проба – барем еднаш.
Домашен Панетоне – рецепт
Состојки
Прво месење:
- 42 g свеж квасец
- 400 g мазно брашно
- 120 g шеќер
- 150 g путер (омекнат)
- 140 ml млеко (млако)
- 120 g жолчки
Второ месење:
- 100 g мазно брашно
- 120 g жолчки
- 100 g шеќер
- 150 g путер (омекнат)
- 70 ml млеко
- 100 g светло суво грозје
- 200 g темно суво грозје
- 200 g кандирано овошје
- Кора од 1 портокал
- Кора од 1 лимон
Подготовка
Прв ден
- Издробете го квасецот, додајте 1 лажица шеќер и млако млеко.
- Оставете 15–20 минути да се активира.
- Измешајте го брашното и шеќерот, додадете го квасецот.
- Месете 15 минути со миксер за тесто.
- Додајте жолчки и мешајте до еднолично тесто.
- Додајте омекнат путер и месете уште 5–10 минути.
- Префрлете во намачкан сад, покријте и оставете да нарасне 10–12 часа на собна температура.
Втор ден
- Испуштете го воздухот од тестото (кратко премесете).
- Додајте жолчки, брашно и шеќер.
- Додајте путер и млеко, месете до мазно тесто.
- Вмешајте суво грозје, кандирано овошје и кора од лимон и портокал.
- Месете уште 5 минути за рамномерно да се распоредат состојките.
Формирање и печење
- Ставете го тестото во намачкан калап за панетоне (Ø 18 cm).
- Оставете да нарасне околу 2 часа.
- Одозгора ставете неколку коцки путер.
- Печете на 170°C околу 50–60 минути.
- Во рерната ставете сад со вода за пареа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата