logo
logo
logo

Агим Јонуз

Широка ама тесна (Коалиција)

Vecer | 13.03.2021

Широка ама тесна (Коалиција)

Има ли дно ова се што праите бе ајвани? Што бе ти мене ајвани? А, што сте ако не сте ајвани?! Да ве нарече човек ‘‘клошари‘‘ не иде уз придавката, сепак имате ‘‘ машна и ташна‘‘, колку толку не сте голи и боси. А, не да не сте, него ај да не отвараме тефтери! Сите по дома имате ‘‘ и краве да жвачу‘‘!

Нешто се мислам, ‘‘про ет контра‘‘ за ова што вика Заев широка коалиција, ама да го нема Мицкота! Па природно. Арно ама, да прашам ‘‘што е тоа што даваш‘‘, да не е на татка ти државата. Народот ви дава! Тој ве гласа и тој ви ги става тоа газовите у фотеља.

Е, да не не е така! Затоа, ајде чујте и народот што мисли.

Коалицијата широка, ама интересите тесни. На ниво на ‘‘висока калимера‘‘ постои само еден интерес, а тоа е да се остане на врвот, да се контролира власта и привилегиите. На ниво на долна, елементарно народна филозофија, исто така постои само еден интерес, а тоа е ‘‘ дајте нормална држава и бериќет‘‘.

Аха! Така ли е!? Е, па тогаш ајде да размислуваме онака како пред самопослуга, зошто таму се крчка амбиентот кој за кого гласал и ќе гласа, ама истовремено и покажува ‘‘ барометар‘‘ колку можеш да го наполниш кесето у време на невреме. Еден тамо се дере со пивото у рука ‘‘ ма, датибам и Европа и Мевропа, дајте леб бе алооо‘‘! Е де, ја би додал и ладно пиво.

Ајде да размислуваме онака без влакна на јазик и со отворена мисла, како што ни гарантира и уставот.

Моделот на владеење на бисултанат со една албанска партија како ‘‘бастум‘‘ се покажа трагичен за Македонија. Од многу аспекти.

Во борбата за ‘‘г‘с место у политика‘‘ изгоре покрај сувото и мокрото, во смисла, многу умни глави во Македонија останаа на страна, безмалку како државни непријатели само затоа што не размислуваат по системот на ‘‘шефот рече дека овака треба да мислиш‘‘. Реалните експерти и умни прогресивни глави се растурија што по дома у папучи, што по свет.

Ние сме лажни патриоти! Зошто, ако си реален патриот, нема да бидеш себичен во политичкото секојдневие и да мислиш на тоа дека само твојата диригентска палка е вистинската која контролира оркестар. Таа иста палка некој ја доживува и како камшик. Се е резултат на перцепција базирана на глад, очај, гнев, безизлез и чемер.

Дали Заев е спремен на жртви, ама реално, не декларативно? Не сакаш Мицко!? Ок! Некој ни тебе не те сака! А, таа маса не е мала. Треба спас за државата?! Треба! Ок!,.. Ајде сега вака!

Свикај меѓупартиска конференција ‘‘ на врху‘‘ и фрли го следниов предлог на маса почнувајки со зборовите ‘‘ луѓе вака не иде више‘‘, ја губиме и државата и душата! Ајде да се договориме, да направиме широка коалиција со учество на сите сериозни фактори кои како интелектуално – конструктивен експертски елемент ќе работат за добро на државата пред да ни ја растурат или поделат.

Еве,.. јас не морам да бидам премиер, нека биде некој што консензуално ќе го избереме, па до следните избори нека функционира државата по модел на ‘‘менаџмент‘‘ а не по модел на парламентарно одвај собрано мнозинство! На државата и треба добар менаџмент, а не партиска ‘‘свирам ти свирку‘‘ филозофија која и да сакаш не може секому да се допадне.

Нека до организација на здрави и нормални парламентарни избори, зад воланот на владиното ‘‘ Фичо‘‘ биде некој успешен стопанственик, секако со претходно чешлање на минатото за да има кредибилитет. Нека биде еве, Жифко Мукаетов од Алкалоид ! ( Тресам, белешка на авторот на колумнава). Нека министри бидат експерти делегирани од партиите селектирани по основ на кредибилност, знаење, искуство и идеи како да се извадиме од лајната во која се наоѓаме.

Па,.. додека не спремиме здрав попис, избори и салтанати! А после на избори и татко ми да добие најмногу гласови нека легитимно биде премиер!

Аааа?!.. Звучи благо речено како ‘‘државен удар‘‘,.. како ‘‘реконсрукција на влада‘‘,.. како ‘‘вонредна ситуација‘‘,.. ама тоа е! Како викаше онаа реклама за ‘‘ Космодиск‘‘!? Вика ‘‘ изгледа смешно али делује‘‘!

Па, другари и другарки, дами и господо, клошари и клошарки, јас овдека нај отворено ке поставам прашање до јавноста:

Зарем ние бездруго не сме во вонредна состојба!? Што треба, уште мечки по улица да шетаат за да видиме дека ‘‘работата е врфка‘‘!? Вонредна состојба не подразбира ‘‘ воведување на полициски час ( тресам)‘‘, туку ситуација на ‘‘ цара до дувара‘‘! А ние не дека сме на ‘‘дуварот‘‘ туку сме више сраснати со него чекајки со спуштени укакани гаки, како кој му се дигне, ‘‘ да ни го свирне‘‘. Се извинувам за простаклакот, ама доаѓам од пред самопослуга, нели ви реков.

А пред самопослуга, зомбиран народ со недефинирана насмевка од која не можеш да прочиташ дали ти псуе сестра, дали држава, дали Мицко, дали Заев, дали Европа! Во сите комбинации таа насмевка е чиста – патологија!

Ова не е време за нечиј политички спас. Ова е време за национален спас. Патриоти!? Да бе, ‘‘онакво‘‘ мое! Па и твое де! Па и негово де! Сите сме во истиот казан во кој се вари иднината во која можеби Македонија не само што е северна, туку лесно може да биде ‘‘бивша‘‘.

Бладам!?!... Дај боже, ќорави бескичмењаци.

И на крај порака до нашата младеж растурена по светот. НЕ се враќајте, барем не додека ние овде не се симнеме од гранка и не еволуираме во нешто што барем личи на современ свет на 21-виот век. Ние уште јаваме на црешовото топче.

Нека цркнам ако грешам,.. простете деца мои. Сите сте мои! Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци... Јавајки го цело време црешовото топче ние добивме хемороиди. Немојте барем вие. Имате право на живот, иднина, на свој живот, а не партиски!

‘‘ Нашето семе е Пиреј‘‘ ( Петре М. Андреевски)! Па зарем цела галактичко минато, сегашност и иднина ќе останеме само ‘‘пиреј‘‘! Нема ли да из‘ртиме во некое цвеќе, па макар покрај пат некое безвезно, барем како ‘‘ Булка крај шините‘‘!?

Ви треба диазепамче!? ‘‘Дрш едно, ја прееска се напив‘‘!

Агим Јонуз

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk