logo
logo
logo

Малчески

Циркузанти остав

Vecer | 15.02.2023

Циркузанти остав

Веќе подолго време сме сведоци дека институциите во Република Македонија не функционираат и се заробени во прангите на една политичка гарнитура која гази немилосрдно против се што не мисли како нив. Оттука, неминовно се наметнува прашањето како до светло на крајот од тунелот?

Големиот Делчев, во една од своите беседи ќе рече, цитирам: „Труд и постојанство, тоа е силата со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива.“

За жал ние изминатите пет години труд гледаме само кога станува збор за корупција и криминал, а постојанство само кога се распродаваат Македонските национални интереси. Во сево ова сивило, многу од вас ќе кажат дека има надеж, дека има една мала партија која се бори и им се спротиставува на сите. Навидум, да има, но според мене тоа е една ефтина политичка пропаганда која нема никаква суштина. Зошто?

Како обичен граѓанин, мене, па и секој кој се пронаоѓа во таа кованица, најмногу се интересирам за квалитетно образование за моите деца, добар здравствен систем, квалитетна социјална заштита, добар правосуден систем, стабилна економија и сигурност и безбедност.

Од појавувањето на политичката партија Левица во 2016 година на Македонската политичка сцена, па се до ден денешен ние не видовме програма од нив. Не видовме како Левица гледа на проблемите кои не тиштат нас обичните граѓани и кои се решенијата кои ги нудат. Не зборуваат за образование (Крмов и Апасиев не ни се појавија на јавната расправа за концепцијата на Мила, документ кој се најде на остри критики од стручната и научната јавност, но не и од нив), не зборуваат за здравствена заштита, не зборуваат за социјална заштита, за економија, сигурност и безбедност итн., а борбата за подобар правосуден систем се сведува на кривични пријави кои сите до една се одбиени.

Мене, се ми е јасно за Македонското обвинителство и судство, но не ми е јасно зошто големите борци од Левица и нивниот „лидер“ се откажуваат од понатамошна борба, па не покренуваат граѓански постапки пред надлежните судови и пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбург. Тука, не сакам да верувам дека таквото нивно постапување е само ЕПП (ефтина политичка пропаганда) за широки народни маси.

Да резимирам, 7 години се доволен временски период за детектирање на проблеми и нудење решенија, за програма. Суштински од сето ова нема ништо. Освен некакви си полиња на интерес, таксативно наредени едно по друго, мртво слово на хартија.

Уште побитно е кои се задолжени во Левица за овие сектори, поединци и тимови. Кои се луѓето, истакнати поединци и тимови кои ќе бидат носители на промените. На нивната страна велат, цитирам: „Со браќата твои, со маката ваша, сронете го овој свет и Нов направете – братски!“ Но, во јавноста и на нивната страна ниту збор за овие „браќа твои“, ни збор за луѓето кои според Левица треба да направат нов свет, оној братскиот.

Пак мртво слово на хартија.

Политиката е сериозна работа, поготово уште посериозна во една ваква акутна состојба во која се наоѓа Македонија. Нам ни требаат решенија, а уште повеќе ни требаат истакнати интелектуалци кои ќе ги спроведат тие решенија и ќе ја вратат загубената доверба во институциите.

Политика не е ни седење на социјални медиуми и читање на постови и коментари, за потоа да ги прераскажуваш како свои ставови само за да глумиш близок до народот и негова „совест“.

Политика не е ни најава за ноќна стража на гробот на Делчев, поткревање на тензии и хушкање на народ, а потоа бегање во Кукуш и изигравање херој на социјални медиуми.

Политика не се ни ниските страсти и говор на омраза кон се што не мисли како тебе, додека себеси се прикажуваш како „Универизитетски професор“ по уставно право, а во парламентот пласираш закон кој е противуставен само за да го замајуваш членството дека наводно водиш некаква битка.

Политика не беше ни блокирањето на пописот, зошто штетите ги трпиме денес сите, а можеше да биде многу поинаку.

Политика не е ни да коалицираш со ДУИ во град Скопје и да си тераш тесно партиски интереси зад затворени врати додека во парламентот глумиш патриот и му покажуваш среден прст на командант Форина, а седиш во салата за пленарни седници за да се најдеш ако треба!

Нејсе, со денови може да се говори и да се редат небулозите на „универзитетскиот професор“ со лидерски амбиции.

Оттука, најлошото нешто, најмизерното нешто е кога си играш со надежта на луѓето, со емоциите на онеправданите, со емоциите на чесните и искрени родољуби.

Циркузанти остав! Доста си играте со емоциите на народот!

Самоил Малчески

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk