logo
logo
logo

Вечер Тема

БАНКИТЕ ЛАНИ ЈА “ОГРАБИЈА“ ДРЖАВА И ГРАЃАНИТЕ, сред криза заработија 180 милиони евра!

Vecer | 13.03.2021

БАНКИТЕ ЛАНИ ЈА “ОГРАБИЈА“ ДРЖАВА И ГРАЃАНИТЕ, сред криза заработија 180 милиони евра!

Банките во Македонија не ја делат судбината на стопанството и граѓаните, туку заработуваат многу повеќе отколку што се стапките на економска состојба, раст и развој на стопанството.

Причината за тоа е секако регулативата на Народна Банка и постојниите закони и прописи кои на банките им овозможуваат заработка дури и од воздухот во нивните канцеларии и експозитури, без да имаат трошоци од наплатите - како што се наплаќањето за технички услуги од типот проверка на сметка, или увид во состојба преку банкомат или телефонска апликација, како и фантомските заработки од таканаречените “подготовки на документација при барање кредит“, од кој кредит и камати банката веќе заработува.

Банките не се обични комерцијални дејности, за својата работа добиваат лиценци и државна заштита. Освен ова, за разлика од компаниите, го делат ризикот на работата со државата која гарантира за штедните влогови со кои тие работат и заработуваат. Ако банката пропадне, како што е случајот со Еуростандард банка, голем дел од парите на штедачите се наплаќаат од буџетот, од јавните пари на граѓаните. Компаниите ја немаат оваа привилегија, и ако пропаднат штетата оди на сметка на основачите и нивните доверители.

Во година на пандемија, карантини и рестрикции, македонските банки заработиле како никој во државата. Или, првите четири банки имаат заработка повеќе од 10-те најдобри компании во Македонија- заедно. Нивната профитабилност во минатата година била поголема од кога било и достигнала 118 милиони евра.

Конкретно, лани домашните банки оствариле вкупен профит од 118 милиони евра, или прецизно 117,9 милиони евра. Ова го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија.

Претходната, 2019 година вкупниот профит на банките бил близу 109 милиони евра, или точно 108,7 милиони евра, што е за повеќе од 9 милиони евра помалку од лани, во време на целосна економска криза со пандемијата.

Банките лани им ги замрзнаа во два наврати ратите на граѓаните и компаниите кои се соочија со тешкотии поради корона кризата, но не им ги опростија долговите за камати, со што тие се распоредуваат за наредните ануитети.

Во 2019 година функционирале вкупно 15 банки, додека во 2020 година нивниот број се намалил на 14 банкарски институции, откако НБМ и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка.

Најголемите три банки во Македонија заработуваат 100.000 евра на ден! Секој ден, и во сабота и во недела кога не работат, тие заработуваат по 100.000 евра дневно.

Комерцијална банка ја зацврстила својата позиција на убедливо најголема банка во земјава. Нејзината актива заклучно со крајот на минатата година достигнала 2,157 милијарди евра, со што таа банка останува убедливо на врвот на листата како најмоќна банкарска институција во државава.

За само една година, односно во споредба со крајот на 2019 година, активата на банката пораснала за дури 156 милиони евра. Или, тогаш оваа банка имала актива од нешто малку повеќе од две милијарди евра.

Инаку, според најновите критериуми на НБМ, во групата големи банки влегуваат оние чија актива е поголема од 664 милиони евра, а такви во земјава се пет банки. Средни се шест банки, а нивната актива треба да е поголема од 166 милиони евра и помала од 664 милиони, додека, пак, сите оние банки чија актива е пониска од 166 милиони евра, влегуваат во рангот на мали банки, и такви во земјава се три банкарски институции.

Втората банка после Комерцијална е Стопанска банка Скопје, зборуват податоците на централната банка. Стопанска банка Скопје на крајот на ланската година имала актива од 1,724 милијарди евра, што е за 103 милиони евра повеќе од активта што ја имала на крајот на 2019 година, 1,621 милијарди евра.

Третата банка, НЛБ Банка, е егал со Стоапнска банка Скопје, прикажувајќи актива на крајот на 2020 година од 1,574 милиони евра. Ако се има предвид дека НЛБ Банка една година претходно имала актива од 1,437 милијарди евра, значи дека за една година капиталот на оваа банка е зголемен за 137 милиони евра.

Халк Банка, која во последно време се соочува со финансиски скандали како во случајот со кредитирањето на купопродажбата на Рамстор и контраверзниот бизнисмен Ајдован Адемовски е четврти значаен банкарски играч според големината на македонскиот банкарски пазар, влегува во рангот на банкарски „милијардер“, надминувајќи ја сумата на актива од една милијарда евра.

Или конкретно, на крајот на минатата година Халк Банка веќе достигнала актива од 1,089 милијарди евра, откако една година претходно имала 933 милиони евра. Или, капиталот на таа банка за една година пораснал за дури 156 милиони евра.

По увид во состојбата со работата на банките, нивното фаворизирање во наплата на дејностите кои во многу случаи и ги нема, не претставуваат дејност туку неколку пати наплатена иста услуга, време е државата да се познимава со начинот на стекнување високи профити и високите камати за позајмени пари и кредитирање и време е за создавање државен фонд за кредитирање на стопанството во наменски дејности и со помали камати од оние на комерцијалните банки како стимул за развој на стопанството.

Државата забранува отворање сметки на граѓани во странски банки и користење нивни кредитни и други банкарски услови со што оебзбедува монопол на домашните банки. Сега, за разлика од порано, практично банките не ни плаќаат камата на неорочени депозити на компаниите и граѓаните по што тие пари банката ги работи за свој профит, без да плати за услугата на депонентот на кој, патем, му наплаќа и за “одржување на сметката“ од која банката зема пари и ги дава како кредит од кој заработува.

Случајот Еуриостандард банка покажа дека политички моќни поединци на свои компании или на луѓе и компании блиски до нив неказнето, со притисок и ветувања, овозможува подигање големи кредити без покритие. Парите кои се земени од такви “кредити“ ги снемува, а обврската за исплата на штедачите, депоненитите, во најголем дел паѓа на терет на буџетот, односно тој криминал го плаќаат граѓаните од своиоте пари за даноци.

Освен Еуроистандард банка, и скандалот со Халкбанка и купопродажбата на Рамстор покажува дека надзорот за меѓународно перење пари преку македонски банки е надвор од контрола. Народна банка, иако беше повикувана од јавноста да се произнесе за овој случај, се уште молчи.

Како што молчеше и за Еуростандард банка се додека не се “испеглаа“ документите за подигање кредити без покритие во вредност од над 60 милиони евра, и не се создадоа услови оние кои ги земале парите без последици да ги располагаат и без законска принуда било кога да ги вратат назад во Еуростандард банка и на депонентите од чии сметки тие пари се - практично украдени.

Тука некаде е и одговорот зошто политиката им ја дозволуваа ваквата привилегирана положба на банките во однос на стопанството. Имаат многу заеднички интереси. Во сред тие нивни интереси, во ланската година на економска криза, стопанството и граѓаните лани загубија 2 милијарди евра но, затоа, банките заработија 120 милиони евра, а фирмите блиски на политичарите само од криминалните “кредити“ на Еуростандард банка заработија над 60 милиони евра.

 

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk