logo
logo
logo

Замрзнати цени, над 1.800 надзори и КАЗНИ од 2,5 милиони денари за непочитување на одлуките за цени

Vecer | 03.04.2023

Замрзнати цени, над 1.800 надзори и КАЗНИ од 2,5 милиони денари за непочитување на одлуките за цени

Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски денеска на прес -конференција информираа за последната Одлука на Владата за утврдување на највисоки цени на одделни производи, како и за извршените надзори од страна на ДПИ.

Како што информираше министерот Бектеши, на предлог на Министерството за економија денеска Владата донесе Одлука за утврдување на највисоки цени во трговојата на мало на овошје и зеленчук.

Согласно Одлуката се утврдени највисоки цени на 11 видови овошје и зеленчук меѓу кои доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот, ќе важи од 5 април до крајот на месецот.

„Почнувајќи од 5 април свежите домати нема да може да се продаваат повеќе од 70 денари, краставиците нема да може да се продаваат повеќе од 75 денари. Највисоката цена на кромидот ќе изнесува 60 денари, за карфиолот 70 денари, пиперките 90 денари, највисока цена на гравот е утврдена 75 денари, за леќата 110 денари, бананите 70 денари, портокалите 55 денари, мандарините 60 денари и лимонот  55 денари„ кажа министерот Бектеши.

Како што појасни министерот Бектеши согласно анализите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и Царинската управа утврдено е дека кај некои трговци за овошјето и зеленчукот утврдени се маржи кои за жал достигнувале во текот на март до 200 и 250%.

„Разговаравме со сите производители на овошје и зеленчук и со сите трговци на овошје и зеленчук, и овие производи имаат кало, односно растур од 10%, затоа утврдивме да одиме со овие највисоки цени во кои има вклучено маржа и до 40%.

Ги уверувам граѓаните дека согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд, на намалување“, кажа министерот Бектеши.

Министерот Бектеши ги повика сите трговци да ја почитуваат и да ја спроведуваат одлуката која ќе важи до крајот на месецот.

„Очекуваме дека до крајот на месецот и почетокот на следниот месец кога ќе излезе на пазар и домашното производство на овошје и зеленчук, цените дополнително ќе се намалат и ќе се стабилзираа“, кажа министерот Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски истакна дека од  донесувањето на првата Одлука која се однесува на ограничување на маржата од 5-10% заклучно со последната Одлука, извршени се над 1.800 надзори и издадени се над 20 прекршочни платни налози во вредност од над 2,5 милиони денари.

„Пaзарниот инспекторат постапува по сите одлуки на владата кои се однесуваат на цените на производите, а тоа значи дека и понатаму ќе работиме со полн капацитет и сите инспектори ќе бидат на терен на цела Република Северна Македонија.

Никој не е над законот, барем тоа ќе биде така се додека јас сум директор на пазарниот инспекторат.

Нема да дозволам да има исклучоци и секој кој прекршил одлука, закон, законски пропис ќе биде санкциониран со соодветна казна, а казните се високи од 800 – 10.000 евра, во овој случај, во зависност од големината на субјектот“, кажа директорот Трајковски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk