Премиерот, Зоран Заев, денеска прими претставници на HTEC Group, американска компанија за софтверско инженерство, која обезбедува услуги во оваа дејност, услуги за развој на производи во широк спектар на индустрии, како што се малопродажбата, логистиката, медицинската технологија, информатички услуги во финансискиот сектор и други.

Главниот оперативен директор на групацијата HTEC, Дејвид Шох, му го претстави на премиерот Заев амбициозниот план на компанијата за инвестиции во регионот, кој вклучува формирање центар за развој во Северна Македонија.

„Ние веруваме дека со обезбедување на уникатни можности за развој на кариера, конкурентни пакети за компензација и шанса да работиме со водечките глобални корпорации за врвни технологии, можеме да отвориме нови можноста за врвните млади таленти на Северна Македонија и да им помогнеме на напорите на земјата во борбата против економска миграција на работна сила“, рече на средбата Шох.

Премиерот Заев ја поздрави инвестицијата и го претстави на HTEC Group пакетот на Владата за поддршка на странските инвеститори, дополнително истакнувајќи ја заложбата на Владата за зајакнување на ИТ секторот во Северна Македонија.

„Покрај постоечката поддршка, Владата ќе ја реализира мерката за постепено намалување на персоналниот данок во ИТ индустријата и од сегашните 10% да дојде до целосно укинување, односно до 0% во 2023 година“, рече премиерот Заев на средбата и истакна дека се регистрирани позитивни трендови во економијата и дека полнењето на државната каса оди според планираното, а приходите се на повисоко ниво од преткризниот период од минатата година.

HTEC Group вработува над 800 инженери и покрај канцелариите во САД, Велика Британија, Холандија, Шведска и Словенија, има развојни центри на четири локации во Србија и една во Босна и Херцеговина.

makfax.com.mk