logo
logo
logo

Средба Битиќи-Хајдари: Со економски политики до подобрување на конкурентноста во регионот

Vecer | 25.05.2021

Средба Битиќи-Хајдари: Со економски политики до подобрување на конкурентноста во регионот


Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, работната посета во Република Косово ја започна со средба со министерката за трговија, претриемништво и индустрија Розета Хајдари, со која разговараа за економската соработка помеѓу двете земји, информираат од неговиот кабинет.

Вицепремиерот Битиќи посочил дека е исклучително важно Владите на земјите од Западен Балкан да креираат кохерентни и конзистентни политики со кои ќе се зголемува конкурентноста на регионот, наместо конкуренција помеѓу земјите, пришто ќе се унапредува меѓусебната економска соработка, во насока на подобрување на условите за живот и создавање на повисок животен стандард за сите граѓани во која и од земјите да живеат.

„Преку „Берлинскиот процес“, кој се реализира со поддршка од влијателни земји-членки на ЕУ, направени се сериозни чекори со кои се унапредува дијалогот помеѓу Владите, но и претставниците на бизнис заедницата и се започнати сериозни реформи кои ќе ги доближат сите земји од Западен Балкан до членството во Европската Унија“, изјави Битиќи.

Економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како две соседни и пријателски земји, има сериозен потенцијал да се продлабочува уште повеќе, заклучија на средбата Битиќи и Хајдари и посочија дека за поздравување е податокот дека трговската размена во првите три месеци од 2021 бележи пораст од 30%.

Двајцата се заложија да продолжат со заедничките ангажмани за да ја унапредуваат економската соработка помеѓу двете земји, но и да работат на подигнување на конкурентноста на регионот во интерес на сите граѓани.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk