logo
logo
logo

Домаќинства, згради и мали фирми од 1 јули ќе може да продаваат електрична енергија

Vecer | 17.06.2022

Домаќинства, згради и мали фирми од 1 јули ќе може да продаваат електрична енергија

Измените на Правилникот за обновливи извори на енергија излегоа во Службен весник и тоа значи дека од 1 јули се отвара патот за поголемо искористување на сончевата енергија. Нема ограничувања за тоа кој се може да му продава електрична енергија на универзалниот снабдувач, во случајот ЕВН.

Според измените, струја нема да може да продава во електродистрибутивната мрежа само оној кој нема договор, односно оној кој е приклучен на снабдувачот во краен случај. Секое домаќинство и станбени згради за колективно домување, како и фирмите, поединците и буџетските корисници ќе може со поставените фотоволтаици да произведуваат електрична енергија и вишокот да го продаваат.

Домаќинствата и зградите ќе може да инсталираат постројки до 6 киловати, со тоа што зградите ќе може да ја користат електричната енергија само за заедничките делови. Фирмите, односно малите потрошувачи, ќе може да инсталираат фотоволтаици до 40 киловати.

Универзалниот снабдувач, во случајот ЕВН, ќе им ја откупува електричната енергија по просечна продажна цена за домаќинствата и малите потрошувачи а пресметковниот период ќе трае шест месеци, од кои првиот од јануари до јуни и вториот од јули до декември.

Според претходното мислење на министерот за економија Крешник Бектеши, со измените ќе им се овозможи на потрошувачите кои се воедно снабдувачи да ја задоволат својата потрошувачка и да се пласира поголема количина во мрежата.

„Со последните измени ќе биде обврска на универзалниот снабдувач за сите тие кои ќе одлучат да стават такви инсталации, да го преземе вишокот на електрична енергија со тоа што ќе може да се направат дополнителни фактури на секои шест месеци, со што ќе може да им се намалат сметките или согласно договорот, да им се плаќа на домаќинствата или правните субјекти“, рече Бектеши.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk