logo
logo
logo

Шахпаска-Демири: Граѓаните добиваат шанса за вклучување во програмите од Оперативниот план 2021

Vecer | 25.05.2021

Шахпаска-Демири: Граѓаните добиваат шанса за вклучување во програмите од Оперативниот план 2021


Најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план 2021, за кои изминатиов период имаше најголем интерес, од денес повторно им се достапни на граѓаните, информираа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири.

Тие потенцираа дека на ваков начин, граѓаните и работодавачите добиваат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, мерката Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи.

„Мерките од Оперативниот план, кои се реализираат преку Министерството за труд и социјална политика и преку Агенцијата за вработување, обезбедуваат поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради Пандемијата со Ковид-19“, истакна министерката Шахпаска.

Таа посочи дека за прв пат во Оперативниот план се вградени три принципи. Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на Ковид-19, со кој приоритет се дава на лицата кои ја изгубиле работата поради пандемијата, принципите на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.

Согласно принципот на диверзитет и инклузивност, распределбата на средствата и на мерките ќе се одвива и според принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот.

Министерката информираше дека за прв пат во нашата држава 25 милиони евра се вложуваат во рамномерниот регионален развој во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во државата.

Директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири информираше дека оние лица кои веќе аплицирале за овие мерки и програми не треба да аплицираат повторно бидејќи нивните апликации се земени предвид.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk