logo
logo
logo

Професор Трајковски: Единствениот спас зимава ни е набавката на косовски лигнит

Vecer | 25.10.2021

Професор Трајковски: Единствениот спас зимава ни е набавката на косовски лигнит

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, прави анализа на движењата на цената на електричната енергија, и што поконкретно се случува на нашиот пазар.

Еве што пишува Трајковски на својот фејсбук профил:

Ова е графикот на цената на електричната енергија на централноевропската берза, за таканаречени долгорочни фјучерси (финансиски инструменти преку кои се договара купување или продавање на електрична енергија на иден датум).

Постои многу развиен пазар за тргување со фјучерси за електрична енергија во Европа (https://www.eex.com/en/market-data/power). Тие што сакаат да купат ел. енергија на иден датум (потрошувачите) преку берза купуваат фјучерсен контракт (договор), а тие што сакаат да продадат енергија (производителите) продаваат фјучерсен контракт. На тој начин двете страни се заклучуваат во цената (се хеџираат) на денот на фјучерсната трансакција (денеска), без разлика колкава ќе биде спот цената на ел. енергија (фактички остварената) на денот на испораката. Загубата од скапо купената енергија се компензира со добивката на фјучерсот и обратно.

Предноста е што можат да ги планираат цените со денови, недели, месеци, па и години однапред. Од тоа имаат корист и потрошувачите и производителите (таканаречени „бона фиде хеџери“), но и шпекулаторите (приватните трејдери кои тргуваат во свое име и за своја сметка), кои се обидуваат да профитираат од разликата во цената на фјучерсите, под услов да ја погодат насоката на движење на цената во иднина. Тие се важни учесници на пазарот, затоа што на пазарот му даваат ликвидност (обезбедуваат во секое време да има доволно купувачи и продавачи кои ја формираат цената со тесен куповно-продажен распон).

Нашите трговци со струја најверојатно ништо не планирале долгорочно, односно лани не купувале фјучерсни контракти. Самиот премиер рече дека не знаеле како ќе се движи цената на ел. енергија, од каде заклучуваме дека сме биле оставени на милост и немилост на пазарот. Нормално е да не знаат, но требало да имаат стратегија за хеџирање, т.е. менаџирање со ризикот. А зошто би влегувале во такви фјучерсни трансакции и би менаџирале со ризикот од промена на цена, кога кај нас крајниот потрошувач секако ќе ја плати цената, колкава и да биде? Додуша, ако сакаат да ја задржат цената на прифатливо ниво (заради социјален мир), разликата ќе ја плати државата, но во основа тоа сме пак сите ние, преку даноците.

При сегашната цена, веќе е предоцна за купување фјучерси, бидејќи цената заминала превисоко (би било налудничаво да се заклучиме во сегашната цена), ама ако лани сме се заклучеле по тогашната цена за испорака годинава, сме можеле да постигнеме нешто, особено знаејќи дека домашното производство ни е несигурно и недоволно.

Покрај фјучерсите, има уште еден финансиски инструмент, опции на електрична енергија. Најлесно е да ги сфатиме како кладење (или полиса за осигурување) на идната цена. Таканаречената куповна или кол (Call) опција со дадена извршна цена и одреден датум на матурирање на опцијата во иднина ни ги надоместува загубите поради претеран раст на цената над извршната цена. Но, за тоа се плаќа цена, таканаречена премија на опцијата, која е прилично висока во вакви неизвесни времиња и волатилен пазар. Доколку на денот на матурирање цената биде под извршната, не губиме ништо освен платената премија.

На пример, доколку лани биле купени кол опции со извршна цена од 60 EUR/MWh за испорака во октомври годинава, сега би ја платиле ел. енергија по извршната цена на опцијата, односно по 60 EUR/MWh иако моменталната цена е 160 EUR/MWh. Така би се заштитиле од порастот на цената, односно загубата на спот пазарот (купената физичка ел. енергија) би била компензирана со растот на цената на финансискиот инструмент - кол опцијата - дури и по цена на платената премија, која лани беше ниска (не повисока од 20 EUR/MWh). Од друга страна, ако цената годинава опаднела на пример на 30 EUR/MWh, би ја купиле ел. енергија по сегашнава, пониска цена, а опцијата би истекла неискористена, односно загуба би била само платената премија.

Овие пазари се многу развиени и важни во развиениот свет, а нам ни преостанува да купуваме по цена што ќе ни биде побарана кога ќе бидеме фатени во тесно, колку и да биде висока. Колку ќе платиме за оваа енергија што сме ја повлекле деновиве од Европа без претходно купување, не смеам да помислам. Додуша, ако имавме свое производство, само за свои потреби без извоз, тие инструмент немаше да ни бидат важни, но без доволно сопствено производство уште како ќе го почувствуваме немилосрдниот камшик на пазарот по својот грб.

Инаку, колку и да изгледа неблагодарно прогнозирањето, ќе си дозволам да дадам лична проценка дека сегашната цена на ел. енергија е вештачки „пренапумпана“ од страна на шпекулаторите или евентуално поради пазарна паника. Ако е тоа случај, односно ако нема некакви неповолни фундаментални фактори (на пример недостаток на ураниум за нуклеарните електрани), тогаш во рок од една година цената би требало да се врати на нивоата до пред 2020 година.

(Обновено) Еве уште едно возможно сценарио. Нашите снабдувачи со ел. енергија можеби минатата година се заштитиле од раст на набавната цена, поради што продажната цена останала непроменета годинава. Сега дојде време да се хеџираат за следната година, но по која цена? Ако со фјучерси се заклучат во оваа превисока цена, а не добијат одобрение за зголемување на малопродажната цена, тогаш ќе претрпат големи загуби, што за нив не доаѓа предвид. Ако се заштитат од раст на набавната цена со куповни (кол) опции, а во меѓувреме цената на ел. енергија од увоз се намали, дури и со намалена набавна цена и сегашната малопродажна цена ќе бидат во загуба (иако не многу голема) поради моменталната скапа премија на опциите. Ако пак набавната цена не се намали или дури се зголеми (малку веројатно), а малопродажната цена остане иста или само минимално се зголеми, загубите на снабдувачите пак би биле големи, иако не толку големи како без хеџирање.

Токму затоа снабдувачите им упатиле писмо на компаниите да очекуваат зголемување на цените и изгледа дека тоа е неминовност во сите сценарија, доколку не сакаат да останат без струја. Домаќинствата можеби ќе бидат делумно заштитетни благодарение на државните субвенции, но и тоа не е извесно.

Тоа се чудесата на капитализмот и токму затоа СФР Југославија градела свои електрани, за да не зависи од променливиот меѓународен пазар. Денеска ние сé уште живееме благодарение на нашите електрани во државна сопственост. Доколку и тие беа приватизирани, ќе моравме од нив да купуваме ел. енергија по цена еднаква на меѓународната берзанска цена или пак да останеме во темница. Но, со трошењето на последните резерви домашен јаглен изгледа дека сме сé поблиску и до тоа сценарио. Изгледа дека единствениот спас зимава ни претставува набавката на косовски лигнит, затоа што сé е поевтино од скапата увезена струја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk