Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција, вчера изутрина тргна со специјален камионски транспорт кон Битола, соопшти ЕСМ.
„400-киловолтниот трансформатор со тежина од 240 тони се пренесува со специјална композиција преку патен транспорт низ Турција, бродски и патен транспорт низ Грција, и патен од преминот Меџитлија до РЕК Битола. Композицијата долга 60 метри побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина“, пишуваат од ЕСМ.
Потенцираат дека транспортот тргна со задоцнување од една седмица од предвидениот рок, поради, како што велат, подолгото време кое било потребно да се осигураат сите услови и соодветни дозволи за движење во Р.Грција, кои произлегуваат токму од специфичноста на овој транспорт.
Трансформаторот се очекува да пристигне во РЕК Битола на 22 ноември, по што ќе бидат потребни 10-тина дена за да се изврши монтажа на истиот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата