Прв пат е достигнато највисоко ниво на извоз од три милијарди евра во ТИРЗ, соопшти директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
-Првичните анализи покажуваат дека ја достигнавме границата од три милијарди евра извоз. Ова е за 15 отсто повеќе споредено со 2020 година, и за 6,5 проценти повеќе од 2019-та која досега беше рекордна извозна година. Ова покажува дека економијата во рамки на зоните, но и во државата е во добар правец. Очекувам трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што дел од компаниите со кои потпишавме договори годинава веќе ќе почнат со производство и работа, така што очекувам и сегашното рекордно ниво веќе во 2022 да биде надминато. Со новиот концепт и паметниот пристап што го применуваме една година, успеавме да поттикнеме константен раст на компаниите активни во зоните и конкретни резултати, истакна Деспотовски.
Според него, тоа значи и стабилен број на работни места и континуиран раст на плати и уплати во државната каса.
-Покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот на странските инвеститори. ТИРЗ останува носител на економијата во земјата, изјави Деспотовски.
Досега највисок регистриран извоз во ТИРЗ беше во 2019 година и изнесуваше 2,796 милијарди евра.
ТИРЗ изготви и анализа на ефектите од странските вложувања во технолошко индустриските развојни зони во изминатите 10 години која покажува дека сите компании кои се активни во зоните оствариле континуиран раст во изминатава декада и постојано растат и во однос на бројот на работни места, платите и уплатите во Буџетот на државата. Вкупните приходи на компаниите во ТИРЗ во анализираниот период 2010-2020, достигнуваат 875 милијарди денари и бележат просечен годишен пораст од 16 отсто, а Буџетот на државата во овој период остварил близу 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ.© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата