logo
logo
logo

Комерцијална почна ДА ГО ПРОДАВА ИМОТОТ НА ТРИФУН Костовски

Vecer | 02.10.2021

Комерцијална почна ДА ГО ПРОДАВА ИМОТОТ НА ТРИФУН Костовски

Комерцијална банка минатата недела и официјално стана сопственик на зградата на поранешна Поштенска банка. Банката планира зградата веднаш да ја даде на продажба, штом за неа ќе добие чист имотен лист.

Всушност, оваа зграда на Комерцијална банка и припадна како дел од обезбедување за кредити, во висина од 7,3 милиони евра, кои Комерцијална банка своевремено и ги дала на компанијата „Гофи“ на бизнисменот Трифун Костовски, во чија сопственост, пак, беше зградата на поранешна Поштенска банка. Овој долг компанијата „Гофи“ кон крајот на минатата година престанала да го измирува, по што се активирала хипотеката врз зградата.

Но, од Комерцијална банка нагласуваат дека тие немаат никаква врска, ниту пак интерес, за зградата на Еуростандард банка во стечај, која исто така беше на бизнисменот Костовски, ниту, пак, имале било какви побарувања од стечајната маса на таа банка, така што и не би можеле да наплатат ништо од таа стечајна маса.

Токму зградата на Еуростандард банка, со која Комерцијална банка нема никаква врска, многумина по се изгледа дека ја мешаат со зградата на поранешната Поштенска банка, која сега и припадна на Комерцијална банка, па се создаваат неосновани шпекулации. Но, тие прашања за Фактор многу прецизно ги расчистуваат од Комерцијална банка.

Но, од банката објаснуваат и една друга работа, која веројатно за малкумина била позната, а таа е дека Комерцијална банка од поодамна имала свое побарување од фирмата „Гофи“, која е всушност на бизнисменот Костовски, и која е еден од акционерите на Еуростандард банка во стечај. Овие кредити Комерцијална банка на компанијата „Гофи“ и ги имала дадено во 2015, 2017 и 2018 година.

„Гофи“ кон крајот на 2020 година веќе не можела да ги враќа кредитите кои ги зела од Комерцијална, по што банката покренала постапка за извршување. Но, потоа од судот беше замрзнат имотот на бизнисменот Костовски, поради постапка која ја покрена Обвинителството за случајот со пропаднатата Еуростандард. Имотот им беше замрзнат и на уште тројца други луѓе од раководството на поранешната банка. А, за овие кредити „Гофи“ на Трифун Костовски, која е акционер во Еуростандард, дала како обезбедување, односно под хипотека два објекти, од кои едниот е зградата на поранешната Поштенска банка.

„Комерцијална банка имаше побарување од фирмата Гофи (која е еден од акционерите во поранешната Еуростандард банка) во износ од 7,3 милиони евра, за кредити обезбедени со хипотеки - недвижен имот, кои ѝ беа одобрени во 2015, 2017 и 2018 година, односно две до пет години пред да бидат поднесени кривичните пријави за предизвикување на стечајот на Еуростандард банка, и пред донесување на времената мерка од страна на Кривичниот суд, по барање на Јавното обвинителство, со која се забранува отуѓување и располагање со недвижности кои беа во сопственост на поранешни акционери на Еуростандард банка. Побарувањата на Комерцијална банка врз основа на кредитите дадени на Гофи беа обезбедени со два објекта - едниот е зградата на поранешна Поштенска банка (ул. Никола Кљусев бр.6), а вториот објект е т.н. „Палата Македонија“ на улица „Македонија“ во центарот на Скопје“, се вели во објаснувањето кое го добивме од Комерцијална банка.

Натаму, како што додаваат од банката со која раководи Хари Костов, со оглед на тоа што „Гофи“ од крајот на минатата година престанала да ги измирува обврските кон Комерцијална банка, а Банката трпела и други трошоци поради резервации на овие кредити, во април 2021 година Комерцијална банка покренала постапка за извршување пред надлежен извршител, со барање за продажба на недвижностите кои беа под хипотека во Банката.

Но, потоа беше замрзнат имотот на бизнисменот Трифун Костовски, поради постапка која ја покрена Обвинителството за случајот со пропаднатата Еуростандард банка. Тоа значи дека беше ставена и времена мерка со која се забрануваше и со располагање со зградата на поранешна Поштенска банка, со што била стопирана и постапката на извршување.

Но, во јули годинава Врховниот суд на земјава донел одлука начелно правно мислење според кое, кога има хипотека врз одреден објект кој потоа е замрзнат заради одредени криминални активности, таа хиппотека да има предимство при наплатата, какви што се всушност правилата секаде во светот. Тоа значи дека за извршителот веќе немало пречки да почне со продажба на објектите под хипотека. Затоа била закажана лицитација за здрадата на Поштенска, и тоа во петокот минатата недела, на која се јавила Комерцијалн банка.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk