Граѓаните од утре нема да може да извадат никаков документ од Управата за водење матични книги, ниту со барања поднесени лично, ниту онлајн. Тука спаѓаат изводи од родени, запишување на новородени деца, запишување на починати лица односно вадење умреници, нема да може да се вадат венчаници, уверенија за слободна брачна состојба ниту да се склучуваат бракови. Единствено граѓаните што веќе имаат закажано термин за венчавка, ќе може да се венчаат, а нови термини нема да се закажуваат, затоа што Синдикатот на Управата за водење матични книги, стапува во штрајк, кој ќе трае во текот на целото работно време на институцијата во сите подрачни канцеларии на Управата, се до исполнување на барањата на околу 500 вработени.
Претседателот на Синдикатот на Управата за водење матични книги, Тони Милошески, за „Слободен печат“ вели дека барањата на вработените се да им се признаат звањата на тие што работат во институцијата 15 или 20 години, а уште земаат иста плата независно од тоа што имаат повисоко звање. Според Милошевски, сите вработени во Управата работат иста работа, иако по закон не би смеело тоа да се случува. На пример, и помлад референт и самостоен референт работат иста работа и имаат иста одговорност. Милошески додава дека пред две недели, претставници на синдикатот се сретнале со претставници на Министерството за правда и на Министерството за финансии и им ги предочиле барањата со ултиматум, дека за две недели следува штрајк.
-Ниедно барање не ни беше прифатено. Бараме пораст линеарен на платата. Ние како вработени подлежиме на кривична одговорност, имаме пристап до сите податоци на граѓаните. За секој документ потпишуваме дека ние лично сме одговорни, самите си ја сносиме одговорноста во работата. Секој документ што го издаваме е потпишан од вработен и може да заврши во секоја државна институција и надвор од државата. Не сме како другите институции каде вработениот го изработува документот, а шефот потпишува. Бараме да се потпише колективен договор на ниво на работодавач, бидејќи сега работиме под колективен договор на цела администрација. Бараме да се променат звањата на вработените. Имаме луѓе кои 20 години работат, а не им се сменети звањата, бидејќи се водат како помлади референти, а со тоа земаат и помала плата од таа што законски им следува. Бараме и покачување на платата од 30 проценти од колективниот договор, ни изјави Милошески.
Целото интервју и текст прочитајте го тука.© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата