На финансискиот самит во Париз, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса ги поддржа повиците на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва за пазарите во развој да ја преиспитаат нивната зависност од доларот, пишува Фајненшл тајмс.
Лула, кој се појави на панел со јужноафриканскиот лидер, се залагаше за промена на тргување со домашни валути и други алтернативи.
Откако претседателот на Бразил оцени дека меѓународната употреба на доларот ги става земјите како Бразил во неповолна положба, Рамафоса рече дека „валутното прашање“ ќе биде на дневен ред на претстојниот состанок на БРИКС во август.
Бразилскиот лидер ја повтори својата загриженост за влијанието на доминацијата на доларот врз земјите со низок и среден приход. Тој рече дека некои луѓе биле „исплашени“ кога зборувал за замена на доларот, но повтори дека неговата доминација ги става земјите како Бразил во неповолна положба кога станува збор за трговијата.
„Кога Аргентина и Бразил или Кина и Бразил тргуваат меѓу себе, зошто не можеме да тргуваме во наши валути?“, праша бразилскиот лидер.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен ја бранеше глобалната доминација на доларот и рече дека ќе биде тешко за земјите да најдат остварлива замена за валутата која доминира во трговијата со децении.
„Постои многу добра причина зошто доларот е широко користен во трговијата, а тоа е затоа што имаме големи, ликвидни, отворени пазари на капитал, владеење на правото и потребните финансиски инструменти“, рече Јелен во Париз.
Нејзините коментари доаѓаат во време кога Кина се залага за поголемо меѓународно прифаќање на јуанот, вели ФТ и потсетува дека Русија се префрлила на користење на кинеската валута како една од нејзините главни валути за меѓународните резерви и прекуокеанската трговија од почетокот на конфликтот во Украина.
Весникот, исто така, потсетува дека замрзнувањето на средствата на руската централна банка во вредност од 300 милијарди долари од страна на западните сојузници на Украина - од кои повеќето беа во долари и евра - предизвика загриженост дека Вашингтон почесто ќе ја користи глобалната доминација на својата валута како алатка за целите на американската надворешна политика.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата