logo
logo
logo

И ВО ГЕРМАНИЈА РАБОТИТЕ НЕ СЕ КАКО ПОРАНО

Vecer | 13.02.2025

И ВО ГЕРМАНИЈА РАБОТИТЕ НЕ СЕ КАКО ПОРАНО

Србин повлече линија и се шокираше! 

Според него, бруто-платата е околу 4.000 евра, додека нето-платата зависи од бројот на членовите на домаќинството и од даноците што треба да се платат.

Со најавите за претстојната економска криза, која ја погодува најсилната европска економија, и зголемените трошоци за живот, се поставува прашањето дали вреди да се оди во Германија и да се започне нов живот? Многу од „нашите“ луѓе, кои споделуваат видеа за животот во Германија на нивните канали на YouTube, одговараат токму на ова.

Тие зборуваат за тоа колку пари му требаат на просечното семејство во 2025 година, што влегува во месечните трошоци, од кирија и храна до превоз и забава, и колкумина можеби немаат точна претстава за тоа колку трошат секој месец.

Вуле, кој по професија е дрвосечач и градинар, на својот канал често го објаснува животниот стандард на едно четиричлено семејство во Германија. Овој човек, кој дели совети искрено и автентично, зборува за цените, стандардите и животот во Германија.

– Пред две години ви кажав за платите и животниот стандард овде. Колку пари му се потребни на едно четиричлено семејство за да преживее? И дали воопшто вреди да се дојде во Германија и да се започне со работа како нов вработен? објаснува Вуле од каналот „Вулетова сваштара“ и додава,

– Платите пораснаа во последните две години, а оваа година треба да бидат уште повисоки, па можете да дојдете во Германија – вели тој.

Вуле објаснува дека синдикатите во Германија минатата година успеале да добијат покачување меѓу 3 и 7 отсто, во зависност од компанијата. Исто така, минималната плата е зголемена за околу дваесет евра. Во април 2022 година минималната плата беше 10,45 евра, додека во 2023 година се зголеми на 12 евра, а од 1 јануари 2025 година ќе биде 12,82 евра. Во неговата компанија, која е позната по тоа што не ги покачува многу платите, годинава платата порасна за 3,5 отсто.

– Тоа значи дека во последните две години минималната плата е зголемена за околу 20 евра – забележува Вуле. Тој додава дека со покачувањата и минималната плата ситуацијата изгледа многу подобра од пред неколку години и дека работниците сега можат да здивнат.

Според него, бруто-платата е околу 4.000 евра, додека нето-приходот зависи од бројот на членовите на домаќинството и од даноците што треба да се платат.

– Таа сума е за околу 300 до 400 евра помалку. Ако сте во брак, ако имате даночна група три или четири, тоа е веднаш за 200 до 250 евра повеќе во споредба со самец со даночна група 1. Ним им се одбива многу повеќе од бруто-платата, па просекот е меѓу 2.300 и 3.000 евра. Тоа беше платата за средната класа, која вклучува возачи на автобуси, касиери во супермаркети, механичари и инженери за мехатроника. Тие спаѓаат во групата со приход од 2.300 до 3.000 евра, во зависност од даночната рамка, брачниот статус и дали имаат семејство. За обичен работник, на пример, работник во монтажна линија, нето-платата е меѓу 1.500 и 1.700 евра. Мојата компанија, која пет години нема покачено плати, годинава ги зголеми платите за 3,5 отсто, така што тие ќе бидат повисоки за околу 200 до 300 евра – објасни Вуле.

Иако тоа не е малку, Вуле во својот видео блог нагласува дека инфлацијата ќе ги изеде тие зголемувања.

– Луѓе, тоа што ќе го добиеме годинава ќе го изеде инфлацијата, така што во основа немаме ништо од тоа, за жал. Германската економија не е во неред, но не е ниту на завидно ниво. И поради корона и поради војни, германската економија тоне, сè повеќе компании банкротираат или се селат во Азија, каде добиваат субвенции. Многу фирми отидоа во Србија, таму ги има пет-шест и таму добија многу поголеми субвенции, а нивните производи се извезуваат низ Европа и светот. Платите се многу помали од Германија, па сите бегаат овде. Овие силни компании кои имаат интерес да произведуваат во Германија – разочаран е влогерот кој напоменува дека дури четири компании од неговото опкружување си заминале.

Според податоците на Германскиот сојузен завод за статистика, просечните месечни трошоци на домаќинствата во Германија во 2024 година изнесувале 2.846 евра. Во овој податок не се вклучени земјоделците, самовработените лица или домаќинствата со месечен нето-приход од 18.000 евра или повеќе.

Киријата во Германија е превисока

Во 2022 година, просечните месечни трошоци за домување беа околу 1.025 евра по домаќинство, вклучувајќи кирија, хипотека, вода, струја, гас и други комунални услуги. Трошоците за изнајмување или купување имот во Германија значително варираат во зависност од градот. На пример, во 2023 година просечната месечна кирија во Берлин била 1.317 евра, додека во другите градови, како Хамбург и Франкфурт, кириите биле пониски.

Сепак, Вуле наведува дека кириите во Германија пораснале поради приливот на бегалци, прво од Сирија, а потоа и од Украина.

– Кириите беа високи, а сега за жал уште повеќе се зголемија. Бегалците кои дојдоа прво од Сирија, а сега од Украина ја покачија цената на киријата. Каматите за купување недвижен имот пораснаа, па откупот на станови престана. Изнајмувањето никогаш не било поскапо, а практично не постои град во кој можете да најдете помал стан. Се плашам да не се проголтаат овие покачувања, да не исчезне сета заработка. На крајот ќе бидеме во минус во однос на пред две години – вели Вуле.

Вели дека не сака да биде негативен, но и не може да лаже. Тој наведува дека луѓето преживуваат работејќи неколку работни места. За сите оние кои планираат да дојдат во Германија, Вуле советува дека се потребни најмалку две години да се застане на нозе, дека е потребно трпение, учење на јазикот и приспособување кон германското општество. Вуле како пример ги наведува медицинските работници, кои мора да поминат низ период на помошен медицински персонал за да станат полноправни работници во еден од медицинските центри во земјата.

Препорачан месечен буџет за домаќинство во Германија: 3.154 €

Со инфлација од 6,0 отсто во 2023 година, 2,4 отсто во 2024 година и 2,1 отсто во 2025 година, се препорачува месечниот буџет на домаќинствата во Германија да биде најмалку 3.154 евра. Оваа сума ги зема предвид секојдневните трошоци за живот, вклучувајќи домување, храна, средства за хигиена и други основни потреби, покажуваат официјалните податоци на Германскиот завод за статистика.

Трошоци за храна

Храната е втор најголем трошок по домувањето. Во 2022 година, просечната месечна сума што ја трошат германските домаќинства за храна, пијалаци и тутун изнесуваше околу 417 евра. Овие трошоци се зголемија по почетокот на војната во Украина во 2022 година, што предизвика значително зголемување на цените. На пример, во 2023 година млечните производи и јајцата поскапеле за околу 16 отсто, додека месото и месните производи поскапеле за 8,3 отсто, а зеленчукот е поскап за околу 13 отсто.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk