logo
logo
logo

БЕШЕ ЕДНАШ ЕДЕН ФОЛКСВАГЕН, гигант кој е прегазен од германските тенкoви на кои им се покори

Vecer | 27.06.2026

БЕШЕ ЕДНАШ ЕДЕН ФОЛКСВАГЕН, гигант кој е прегазен од германските тенкoви на кои им се покори

Германската оска на развој, автомобилката индустрија, е по стрмоглав пад на кој не му се гледа крајот. Трамп ги притисна со царини, Кинезите со добри автомобили за помалку пари, се скараа со Русија и загубија ефтина енергија која им беше додадена вредност во зарабтоката, се соочуваат со етнички и расни немири но, само едно им е константа - планот и акцијата да произведуваат што е можно повеќе тенкови и ракети откако им се укина забраната за излегување на германската војска надвор од Германија и трговија со оружје без лимит. 

Германија е во процес на најзначајна индустриска пресвртница по Втората светска војна, трансформирајќи ги неактивните фабрики за автомобили во центри за производство на одбрана за да ја обнови својата војска, како најголеми трансфери се спомнуваат капацитетите на Фолксваген и Ауди кои преминуваат во воената индустрија. Воден од геополитичките загрижености и европските цели на НАТО, секторот одбрана е поддржан од речиси 1.000 милијарди евра средства за одбрана.

Буџетот за одбрана во 2026-та им е 106 милијарди долари, дупло повеќе отколку пред пет години. За споредба, буџетот за одбрана во 2026-та на милитаризирана Русија која е среде војна и е трет  најголем извозник на оружје во светот е 150 милијарди евра. А Германија не е во војна.

Германската власт одбра тенкови и генерали наместо автомобили и бизнисмени. Резултатот е очаен, а кога ќе се намножат тенкови и ракети и кога генералите ќе станат главни во бизнсот обично Гермманија заглавува на погрешната страна на историјата.

Во оваа прилика имаме анализа од прва рака за состојбите во германската автомобилска индустрија и падот на големите брендови, пред се на доскорешниот светски лидер Фолксваген, од упатен и стручен автор:

Само еден површен поглед на едно професионално бизнис-око ќе констатира дека Баден-Виртемберг – срцето на германската индустрија – е пред историски колапс. Со децении, илјадници работници во Баден-Виртемберг – од Штутгарт и Зинделфинген до Лудвигсбург, Фридрихсхафен и десетици помали индустриски центри, го градеа она што важеше за најсилниот симбол на германската економска моќ. Автомобилските фабрики и нивните доставувачи обезбедуваа стабилни приходи, сигурни работни места и животен стандард што за многумина беше недостижен во остатокот од Европа.

Денес, таа слика забрзано се менува.

Податоците на покраинската влада на Баден-Виртемберг покажуваат дека од 2023 година досега во автомобилската и доставувачката индустрија веќе се изгубени околу 18.000 работни места. Уште позагрижувачки се прогнозите според кои до 2040 година би можело да исчезне речиси секое трето работно место во автомобилскиот сектор.

Алармантни проекции: Повеќе од 150.000 работни места во ризик

Според официјалните информации доставени од покраинската влада како одговор на парламентарно прашање на опозицијата, бројот на вработени во автомобилската индустрија и поврзаните дејности би можел да се намали од 480.100 работници во 2022 година на само 325.600 до 2040 година.

Тоа значи потенцијално губење на повеќе од 154.000 работни места во покраината што претставува вистинско срце на германската автомобилска индустрија и дом на гиганти како „Мерцедес-Бенц“, „Порше“, „Бош“, „Мале“ и стотици помали доставувачи.

Она што до вчера изгледаше како теоретска опасност, денес станува реалност.

Електрификацијата носи нова индустриска пресметка и калкулации

Уште пред неколку години, студии нарачани од самата покраинска влада предупредуваа дека електрификацијата, дигитализацијата и автоматизацијата на производството би можеле да избришат меѓу 37.600 и 66.000 работни места до 2030 година.

Но динамиката на промените се покажува многу побрза од предвиденото. Електричните возила бараат значително помал број компоненти во споредба со автомобилите со мотори со внатрешно согорување. Тоа автоматски значи помала потреба од работна сила во производството, особено во секторите поврзани со моторите, трансмисиите и класичните погонски системи.

Паралелно со тоа, автоматизацијата и роботизацијата дополнително ја намалуваат потребата од човечки труд во фабриките.

Германските индустриски гиганти веќе кратат

Знаците на кризата веќе се видливи кај најголемите играчи во индустријата.

Најголемиот светски производител на автомобилски делови, „Бош“, со седиште во Герлинген кај Штутгарт, најави нови намалувања на бројот на вработени во секторот за мобилност.

„ЗФ Фридрихсхафен“ планира укинување на 14.000 работни места во Германија до 2028 година. „Порше“ започна нова програма за штедење по значителниот пад на профитот, додека „Мерцедес-Бенц“ спроведува мерки за рационализација поради послабата побарувачка и растечките трошоци.

Слични потези најавуваат и други компании, кои со децении беа двигатели на германскиот индустриски развој.

„Совршена бура“ за германската економија

Според анализите на консултантската куќа „И-уај“ и германските статистички институции, автомобилската индустрија во Германија само во последната година изгубила повеќе од 50.000 работни места, а од 2019 година наваму бројот на вработени е намален за над 110.000.

Економистите посочуваат дека причините не се сведуваат само на електричната транзиција. Напротив, станува збор за комбинација од повеќе неповолни фактори:

• високи цени на енергијата;

• континуиран раст на трошоците за работна сила;

• намалена побарувачка на европскиот пазар;

• конкуренција од кинеските производители;

• зголемени регулаторни обврски поврзани со климатските политики на Европската Унија.

Во деловните кругови сè погласни се оцените дека германската индустрија сè уште ги чувствува последиците од енергетската политика по прекинувањето со односите со Москва, вклучително и затворањето на нуклеарните електроцентрали, нешта што колосално ја намалува германската конкурентност во глобалната трка. Овие две причини се фундаментот на катастрофалните политики на Германија со кои си ги поткопа својата економија, индустрија, стопанство…

Да не заборавиме дека зад бројките и зад статистиката стојат човечки судбини

Додека политичарите зборуваат за „структурна трансформација“, за десетици илјади работници овие бројки имаат многу поконкретно значење. Во градовите чии економии со генерации зависат од автомобилската индустрија расте неизвесноста. За луѓето што по дваесет или триесет години работеле во истите фабрики, можноста за губење на работното место не е само економска категорија.

Тоа е прашање на егзистенција, отплата на кредити, образование на децата и сигурност на семејството. Критичарите предупредуваат дека програмите за преквалификација и ветувањата за отворање нови работни места засега не ги следат размерите на проблемот што се создава.

Предупредување за цела Европа

Она што денес се случува во Баден-Виртемберг многу аналитичари го гледаат како предупредување за цела Германија, но и за Европа. Германија, која со децении беше индустриски мотор на европската економија, денес се соочува со сложена задача: истовремено да ја спроведе енергетската и технолошката трансформација, а притоа да ја зачува конкурентноста на својата индустрија и стотиците илјади работни места што ја одржуваат нејзината економска моќ.

Засега, бројките испраќаат непријатна порака. Имено, транзицијата кон новата индустриска ера се покажува многу поскапа и поболна отколку што со години се претставуваше пред јавноста.

За крај, бидејќи и јас самиот сум инволвиран во автомобилската индустрија, можам слободно да кажам дека кризата во германската автомобилска индустрија не е само економска приказна. Таа претставува судир меѓу политичките амбиции на едно либерално сфаќање и идеологија што е далеку од суверенистички национални позиции за раст и развој на својата држава и нација, во пакет со некаква виртуелно замислена т.н. зелена трансформација, која е далеку од нивото да нуди поддршка на силната германска реална економија, која е голем потрошувач на енергија.

Сега, прашањето повеќе не е дали германската автомобилска индустрија ќе се промени – тоа веќе се случува, и тоа од лошо на полошо. Прашањето е дали промените ќе создадат нови можности за ресетирање и елиминирање на погореспоменатите слаби точки и тоа да се случи доволно брзо за да ги заменат изгубените работни места!?

Одговорот на тоа прашање ќе ја одреди не само иднината на Баден-Виртемберг туку и економската иднина на Германија во наредните децении!

„Фолксваген“ пред најголемото преструктурирање во својата историја: до 100.000 работни места под прашалник

Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ се подготвува за најдлабоката трансформација во својата современа историја, процес што би можел да резултира со укинување на дури 100.000 работни места низ светот.

Според информации објавени во германските медиуми, оваа бројка е двојно поголема од првично планираните 50.000 отпуштања до 2030 година, што веќе беше оценето како една од најрадикалните програми за преструктурирање во европската автомобилска индустрија. Планот, кој наводно бил презентиран од извршниот директор Оливер Блуме пред Управниот одбор на концернот, предвидува темелна реорганизација на компанијата.

Иако сè уште нема официјална потврда за конечниот број на работни места што ќе бидат укинати, ниту за временската рамка во која ќе се реализираат мерките, јасно е дека „Фолксваген“ влегува во период на сериозни структурни промени.

Освен намалувањето на бројот на вработени, во среднорочните планови се споменува и можноста за затворање на четири производствени капацитети во Германија – во Хановер, Цвикау, Емден и фабриката на „Ауди“ во Некарзулм. Производството во овие погони би завршило по истекот на животниот циклус на моделите што моментално се произведуваат.

Паралелно со тоа, се разгледува и реорганизација на самиот концерн, при што основниот бренд „Фолксваген“ и секторот за компоненти би можеле да бидат издвоени во посебни компании. Таквиот модел би овозможил поголема флексибилност и полесен пристап до капиталните пазари. Од компанијата признаваат дека автомобилската индустрија минува низ период на длабоки технолошки и пазарни промени, поради што е неопходно приспособување на деловниот модел.

Според раководството, целта е концернот да стане поефикасен, поконкурентен и подобро подготвен за предизвиците што ги носат електрификацијата, дигитализацијата и засилената глобална конкуренција. Конечните насоки од стратегијата се очекува да бидат разгледани од Надзорниот одбор на 9 јули.

Од Германија за „Нова Македонија“, Доне Прентоски, бизнисмен и инвеститор

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk