logo
logo
logo

ТОПЛОТЕН УДАР ЗА ЕВРОПСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО - загубите може да надминат 40 милијарди евра

Vecer | 13.08.2026

ТОПЛОТЕН УДАР ЗА ЕВРОПСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО - загубите може да надминат 40 милијарди евра

Европското земјоделство се соочува со сè посериозни последици од климатските промени, а екстремните горештини и сушите можат драматично да ги зголемат финансиските загуби во секторот.

Според анализа на „Хауден“, изработена за Европската инвестициска банка, годишните загуби во земјоделството на ЕУ до 2050 година би можеле да надминат 40 милијарди евра, а во особено неповолни климатски услови да достигнат и повеќе од 90 милијарди евра.

Последиците од високите температури веќе се чувствуваат на европските полиња. Земјоделците во делови од Западна Европа работат во текот на ноќта за да ги избегнат најтоплите часови, користат мрежи за засенчување, дополнително ги разладуваат складиштата и ги менуваат традиционалните периоди за сеидба.

Но, ниту овие мерки не се доволни секогаш за да се спречат загубите.

Франција очекува сериозен пад на производството на пченка. Според тамошното Министерство за земјоделство, приносот би можел да биде за 35 проценти помал во однос на минатата година, како последица на топлотниот бран и сушата.

Проблемите се чувствуваат и во сточарството. Во Италија, во одредени фарми производството на млеко е намалено за околу 20 проценти, според најголемиот земјоделски синдикат во земјата.

Уште потешка е ситуацијата во францускиот регион Нова Аквитанија, каде температурите над 40 степени предизвикале масовно угинување на свињи и живина, и покрај дополнителната вентилација, разладувањето со вода и промените во исхраната.

Климатските промени така не се само еколошки, туку и економски и прехранбен ризик, бидејќи намаленото производство и зголемените трошоци може да се одразат и врз цените и достапноста на храната во Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk